Инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем

3562

Времетраење: aприл 2018 – декември 2020
Имплементатор: Македонски центар за граѓанско образование (МЦГО)
Целна група: Деца на возраст од 6 до 17 години што се надвор од училиштата
Партнери: Министерство за образование и наука (МОН), Детска фондација Песталоци, клучни образовни и државни институции и училишта од 12 општини (Битола, Виница, Гостивар, Кочани, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип и Центар, Чаир и Шуто Оризари – Скопје)

Главна цел на проектот: Обезбедување на пристап до образование на децата кои се надвор од училиштата во образовниот систем во 12 општини во Северна Македонија.

Реализацијата на овој проект ќе обезбеди поддршка во остварување на приоритетот од Стратегијата за образование на Република Северна Македонија за 2018-2025, кој се однесува на зголемување на опфатот на учениците и подобрување на инклузивноста во основното образование, преку воведување на одржлив модел за идентификација на училишните обврзници и нивно следење до завршување на задолжителното образование.

Очекувани резултати:

1. Унапредени образовни политики за поефективно вклучување во образовниот систем на децата што се надвор од училиште и оние што го напуштиле школувањето
Во координација со МОН ќе се формира Проектна работна група составена од претставници од повеќе министерства (Министерство за правда, Министерство за локална самоуправа и Министерство за внатрешни работи), како и претставници од клучни образовни институции (Биро за развој на образованието, Државен просветен инспекторат, Педагошка служба и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при МОН). Оваа група директно ќе работи на дополнување на Законот за основно образование, како и на развивање протоколи за соработка помеѓу институциите на централно и локално ниво, со цел да се создадат неопходни предуслови за реализација на планираните проектни интервенции за подобрување на процесот на вклучување на децата што се надвор од училиштата и оние што го напуштиле образовниот систем. Проектната работна група ќе изготви:
• Механизам за споделување и размена на податоци (на централно и локално ниво) за идентификација на деца кои се на училишна возраст;
• Прилагодени наставни програми кои ќе им овозможат на новозапишаните ученици, како и оние кои се враќаат во училиште, да се вклучат во соодветните одделенија; и
• Намалување на трошоците за признавање и еквиваленција на документи за завршено образование во странство за учениците од социјално ранливи категории, со цел да можат да го продолжат своето образование.

2. Училиштата и општините применуваат ефективни механизми за запишување и задржување во училиште на децата што се надвор од образовниот систем
Општините и училиштата ќе добијат поддршка во процесот на зголемување на стапката на запишување и задржување на децата во основно училиште, преку примена на механизмот за споделување и размена на податоци за идентификација на деца кои се на училишна возраст во три пилот училишта. Исто така, во соработка со училиштата ќе се организираат обуки за наставници и стручни соработници за примена на методолошки пристапи во работата ориентирани кон децата и реализација на интеркултурни активности, со цел да се зајакне инклузијата на децата од социјално ранливите групи.

3. Зајакната соработка помеѓу родителите и училиштата за поголема поддршка на децата во процесот на нивното школување
Во рамки на проектот, а во соработка со МОН, околу 300 деца кои се надвор од училиште, а кои живеат во социјално загрозени семејства, ќе добијат стипендија и поддршка при запишување во училиште, со што ќе им се помогне на семејствата да им овозможат школување на своите деца. Ќе се реализираат и активности кои ќе ја зајакнат соработката помеѓу училиштата и родителите со цел да се осигура дека децата ќе ја добијат неопходната поддршка во текот на нивното школување – и да останат во училиште, но и подобро да го совладаат наставниот материјал.