Посета на Цирих во рамки на Проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења

301
Во рамки на Проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења, во периодот 26-30 септември, 2022 година, се одржа завршна конференција во Цирих, Швајцарија за преставници од Северна Македонија и Косово во организација на Универзитетот за образование на наставници од Цирих. Помеѓу присутните од нашата држава беа преставници од Македонскиот центар за граѓанско образование, Бирото за развој на образованието и Институтот за Педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје.

За време на конференцијата беа презентирани резултатите од Истражувањето за развој на животните вештини како и добрите практики од спроведувањето на проектот. Имено, наодите покажуваат значително подобрување на животните вештини кај учениците како резултат на нивната вклученост во Проектот. Може да се забележи дека учениците се подобриле во однос на интеракцијата, решавањето проблеми, преземањето иницијатива и решавањето конфликти. Од друга страна пак, и наставниците ги унапредиле своите животни вештини и ги оцениле материјалите (т.е. прирачниците) за програмите ДИСО и „Личен развој на учениците“ како многу корисни. Најголемиот број од наставниците изјавиле дека истите би им ги препорачале на своите колеги.

При посетата на Цирих, се разменија искуства на професионално ниво и присутните имаа можност да направат увид во швајцарската култура на поучување и учење и да ги пренесат стекнатите информации во локален контекст. Тие посетија училиште и градинка и дискутираа за идни заеднички соработки.

Соработката меѓу Северна Македонија и Универзитетот за образование на наставници од Цирих започна во 2017 година со проектот ДИСО (Децата и семејството во образованието). ДИСО беше едукативна програма за животни вештини за деца на возраст од 4 до 12 години и имаше особено значење во поддршката на децата од социјално загрозените семејства, особено децата Роми, со цел тие да станат свесни за нивните компетенции и вештини.

Проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаење се базира на искуствата стекнати со ДИСО и има за цел да придонесе за мирен соживот на различни етнички групи преку развојот на животните вештини во училницa.

За да се постигне ова, Универзитетот за образование на наставници од Цирих во соработка со невладините организации Македонскиот центар за граѓанско образование и Косовскиот образовен центар изработи материјали за личен развој од 5-то до 9-то одделение. Исто така, беа организирани разни обуки за наставници и за студенти-идни наставници и беше обезбедена поддршка за спроведувањето на програмите ДИСО и Личен развој во проектните училишта.