Започнуваат активностите во рамки на Центарот за фузија на идеи

987
На 28 јануари, 2021, се одржа онлајн промотивен настан за официјален почеток на активностите во рамки на Центарот за фузија на идеи, поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Центарот претставува неформална младинска група во која високо-мотивирани ученици, членови на ученичките парламенти во училиштата, ќе учествуваат во развивање и спроведување на уникатни и креативни идеи на далечина.

За време на настанот, учениците го претставија центарот. Тие истакнаа дека тој ќе овозможи да се слушне гласот на младите и ќе им даде можност да направат реална промена во нивните училишта и заедници. Тие подетално објаснија како ќе ги развиваат и спроведуваат идеите со поддршка од нивните соученици, наставниците и училишното раководство.

Би сакала да ги поттикнам моите пријатели така што ќе им ги покажам моите мисли и ќе им дадам надеж. Учеството во овој проект е одлично за сите бидејќи можеме да видиме што можеме да постигнеме”, вели ученичка која учествува во центарот.

Заедно дискутираа и за нивни идеи за позитивни промени кои веќе започнале да ги осмислуваат. Подигнување на свеста за заштита на животната средина, поголема достапност на информации за професионална определба, разубавување на училишните дворови, нивно уредување со опрема за фитнес, библиотека на отворено, изградба на спортски и театарски сали се само дел од нив.

На настанот се обрати и Дон Кармин, директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија. Таа ја поздрави проактивноста и ентузијазмот на младите и им порача, „Сакам да ве поттикнам да ја искористите оваа можност и навистина од неа да направите сè што сметате дека може. Прекрасно е што можете да поминувате време заедно, да бидете креативни и да разговарате за сите идеи. Всушност, сакам да ви порачам да останете позитивни и да си ја создавате својата мрежа на контакти. Пронајдете ги оние кои можат да ве поддржат и да ви помогнат и на вас и на вашите идеи и бидете храбри во остварувањето на тие идеи.

Во идниот период, учениците кои учествуваат во центарот ќе организираат повеќе виртуелни месечни средби на кои ќе имаат можност да соработуваат меѓу себе иако се од различни локации низ државата и да дискутираат за креативни и уникатни идеи кои би сакале да ги спроведат во своите училишта и заедници.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.