Учениците од СУГС „Браќа Миладиновци“ од Драчево – Скопје, ја покажаа нивната младинска иницијативност и активизам на дело. Тие, со почитување на епидемиолошките протоколи за заштита, беа дел од еколошка акција за собирање на стаклен амбалажен отпад, организирана од Пакомак во соработка со нивното средно училиште „Браќа Миладиновци“. Во активноста, поддржана од проектот „Започни ја промената“, им се придружија наставниците и родителите.

Преку дигитални алатки учениците ги поделија обврските и формираа групи. Потоа, тие поделија околу 3.000 флаери за подигнување на свеста за важноста на селектирање на стаклото, повикувајќи ги жителите на населбата Драчево да се вклучат во еколошката акција за собирање на стаклени шишиња.
За време на акцијата, учениците заедно со тимот на Пакомак го собираа стаклениот отпад. Беа поставени контејнери за собирање на стакло, а камион заедно со ученици поминуваше низ населбата. Акцијата беше успешно реализирана и позитивно прифатена од страна на локалното население.
Ваквите акции придонесуваат за зголемување на младинското учество преку манифестираниот глас на младите во донесувањето на одлуки во локалната заедница во којашто живеат и посетуваат настава. Така се остваруваат целите на проектот „Започни ја промената“ и на учениците им се дава можност да придонесат кон подобрување на состојбата во нивните училишта и животната околина. Повеќе активности иницирани од учениците, а во соработка со нивните наставници и родители, се планирани и во наредниот период.