ЗАПОЧНИ ЈА ПРОМЕНАТА: Учениците од ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ од Скопје спроведоа хумани иницијативи

757
Мотивираните ученици од ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ од Скопје заедно организираа повеќе активности, со почитување на протоколите за заштита. Преку проектот „Започни ја промената“ тие станаа свесни дека нивниот глас е слушнат и преку активно учество можат да прават промени за себе и за другите.

Затоа, и за време на пандемијата тие осмислуваа решенија за тоа како да бидат активни во своето слободно време, да бидат креативни и како да ги охрабрат и другите деца да се забавуваат. Од многубројните идеи тие се одлучија за цртањето како начин да ја ослободат имагинацијата и со мислите да зачекорат во поразлична реалност. Тие исцртаа многу цртежи на листови хартија и дигитално на различни теми. Оваа идеја ја споделуваа и со нивните соученици за што повеќе од нив да им се придружат..

Вложивме голем труд и многу време за да се анализираме себеси и да дојдеме до финалните цртежи. Упорно се обидувавме да најдеме здрави решенија и во тоа си помагавме давајќи идеи и зборувајќи за нашите расположенија“, велат учениците.

За да им се заблагодарат на здравствените работници за нивната посветена работа во овој тежок период го посетија Министерот за здравство Венко Филипче.

Прекрасно изненадување! Деца од ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ ни донесоа нивни уметнички дела како благодарност за битката која здравствените работници ја водат со пандемијата. Им ветив дека ќе работиме напорно за да ја надминеме пандемијата и дека наша должност е да се грижиме за нивното здравје. Им посакувам убав и безгрижен распуст!“, вели Министерот за здравство Венко Филипче.

Потоа спроведоа уште една хумана иницијатива. Ги израдуваа децата на Детската клиника со нивните цртежи кои сега ги красат ѕидовите на клиниката. Беа поканети да се дружат со децата кои долго престојуваат во болничките соби и со нетрпение го очекуваат денот кога ќе бидат во училишните простории и дворови.

Овие активности произлегуваат од учениците и нивната желба да се вклучат во подобрување на состојбата во општеството. Тие самите ги иницираат според нивните потреби и идеи и во наредниот период во рамки на проектот „Започни ја промената“ ќе продолжат активно да се вклучуваат во сите процеси за донесување на одлуки.