ЗАПОЧНИ ЈА ПРОМЕНАТА: Учениците од ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“, Скопје учествуваа во многубројни активности

531
Изминатиот период го одбележаа многубројни активности предводени од учениците од ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“ од Скопје во рамки на проектот „Започни ја промената“. Со поддршка на нивните наставници и почитување на протоколите за заштита тие ги развиваа нивните вештини, се дружеа и соработуваа, правејќи позитивни промени во нивното училиште.

Со цел да се поттикне физичката активност кај учениците, се организираа многу интересни игри и активности. Учениците заедно играа со топки во дворот, вежбаа во училишната сала и возеа велосипеди. Истовремено учеа и за почитување на правила во спортот и развивање на натпреварувачки и тимски дух.

Тие ги развиваа своите вештини и стекнуваа повеќе знаења за различните култури преку превод на бајката „Снежана и седумте џуџиња“ од македонски на ромски јазик. Потоа, самите се снимаа како го читаат веќе подготвениот превод. Ова нивно видео им помага на учениците во пониските одделенија да ги учат буквите и да читаат. Во иднина наставниците и учениците заедно планираат да обработат и други бајки.

Беа подобрени и вештините на учениците за ораторство и аргументирано изразување. Тие се собраа во холот на училиштето и со почитување на протоколите за заштита заедно гледаа анимиран филм. Потоа, дискутираа за теми како мултиетничност, толеранција, доверба и изведоа заклучоци.

За да се рекреираат и да се стимулира нивната креативност, наставниците организираа работилница за творење во природа со учениците. Младите цртаа на слободна тема, правеа колажи и создаваа тридимензионални предмети од природни материјали. Поврзано со природата, помалите ученици се запознаа и со процесот на добивање леб од зрно пченица. Со помош на нивните наставници тие ги посадија зрната и потоа ги обработија за да добијат финален производ.

Сите овие активности придонесуваат кон поголема вклученост на младите на училишно ниво и им даваат можност да ги изразат своите ставови и идеи за подобрување на состојбата во општеството.