ЗАПОЧНИ ЈА ПРОМЕНАТА – Креативни активности на учениците од СОУ „Никола Карев” од Струмица

703
Изминатиот период беше исполнет со многу креативни активности предводени од учениците од СОУ „Никола Карев” од Струмица. Тие заедно, со почитување на епидемиолошките протоколи за заштита, ги реализираа нивните идеи во рамки на проектот „Започни ја промената“.

Активностите започнаа со уредување на училишниот двор. Со учество на родителите и дрвосечач, се сечеа оштетени дрва и потоа се направија интересни саксии во кои беа засадени цвеќиња. Учениците учествуваа во садењето, фарбање на клупите и летниковците како и декорирање на ѕидовите со различни бои и уметнички дела во надворешноста на училиштето.

Со оваа активност се овозможи заедничка соработка на учениците од различни етнички заедници, тимска работа и меѓусебно почитување на предлозите и идеите за постигнување на една иста цел – училишниот двор да изгледа како што го замислиле.

Во рамки на ликовната секција, тие ја изразија својата креативност преку цртежи на тема „Гласот на ученикот“ кои содржат елементи на различни ставови и култури. Но, сепак покажаа дека сите ученици, иако припаѓаат на различни етнички заедници имаат исти, заеднички потреби, а преку цртежите сакаат да биде слушнат нивниот глас за потребата од подобро општество за сите.

Учениците се договорија и организираа базар со креативни предмети, накит и сувенири кои самите ги изработија. Базарот беше од хуманитарен карактер, при што собраните средства беа искористени за изработка на постелнини кои беа донирани на лицата од Заводот за заштита и рехабилитација – Бања Банско. Учениците од текстилната струка ги изработија постелнините и со тоа докажаа дека со подобра креативна и тимска работа можат да помогнат онаму каде е потребно.

Активностите во рамки на проектот „Започни ја промената“ продолжуваат, придонесувајќи за зголемено младинско учество и давање можности на учениците да учествуваат во донесувањето на одлуки за подобрување на состојбата во нивното училиште и заедница.