ЗАПОЧНИ ЈА ПРОМЕНАТА – Какви активности иницираа учениците од СОУ „Перо Наков“ од Куманово

651
Учениците од СОУ „Перо Наков“ од Куманово спроведоа повеќе активности и преку учење на далечина и со физичко присуство со почитување на протоколите за заштита. Во рамки на проектот „Започни ја промената“ тие покажаа дека кога нивниот глас е слушнат, заедно можат да направат позитивни промени во заедницата.

Прво, присуствуваа на онлајн работилница, дискутираа и направија кратка интерактивна вежба. Тие даваа предлози за вредности кои се важни во животот на младите и низ работа во групи споделија мислења за заштита на животната средина преку развивање на еколошка свест и зголемување на чувство на прифаќање и почитување на стари лица. Во оваа насока, тие дадоа предлог празните пластични флаши да ги искористат за изработка на украсни корпи по повод празникот Велигден. Корпите беа изработени во домашни услови со поддршка на родителите. Истите ги доставија во Дом за стари лица „Зафир Сајто“, Куманово.

„Велигденските  корпи  ги изработувавме со многу љубов и радост, вложивме труд за да ги усреќиме старите лица кои во ова време на пандемија се исплашени, несигурни и можеби несреќни, а нашата порака упатена до нив беше јасна: Не сте заборавени и ние младите сме со вас. Помагајќи им на другите, градиме нераскинливи човечки врски што се темелат на хуманост и на благодарност, а тоа е една од вредностите што ние учениците сакаме да ги споделиме со повозрасните лица. Хуманоста е клучот на личната среќа и мотивација за подобар живот“, велат учениците.

Тие реализираа и активност „Мој глас“ која опфати креативна работилница за украсување на маици и испишување на пораки на нив на македонски и на албански јазик. Преку оваа активност се слушна гласот на учениците кои порачаа дека треба да се прифатат разликите и да се почитуваат едни со други, без разлика на кој јазик зборуваат и како изгледаат. Маиците со нивните пораки ќе ги презентираат на патрониот празник на училиштето.

За да се прикаже развојот на уметнички капацитети на учениците и стекнатото знаење за различни теми, како што се различноста, мирот и заедничкиот живот, беше организирана работилница за цртање на стакло. Учениците составија пораки и ги прикажаа преку цртежи. Нивните изработки на стаклени површини ќе го красат училиштето и ќе останат и за идните генерации.

Хуманоста се покажа на дело и покрај пандемијата. Учениците беа дел од креативна работилница на која изработија шаблони за заштитни маски, го скроија материјалот според шаблоните и започнаа со шиење на маските. Нивните идеи и пораки на темата „Ајде, да се заштитиме“ ги искажаа преку декорирање на маските, кои ги подарија на лицата од регионалниот центар за лица со интелектуална попреченоcт ,,Порака Наша“, Куманово.

„Потребно е малку за да го направиш некого среќен, да им дадеш поткрепа за да продолжат да се борат во битката со суровото опкружување. Нашите пораки беа исполнети со надеж дека на децата ќе им се исполнат нивните желби и соништа да бидат повеќе прифатени од општеството, а на нивните родители поголема храброст, борбеност и сила. Треба прво да почнеме да се менуваме себеси, да бидеме промената која што сакаме да ја видиме во светот“, додаваат мотивираните ученици.

Преку овие активности, младите се повеќе присутни во донесувањето на одлуки во заедницата во која живеат и учат. Тие ги искажуваат нивните мислења и идеи, со што се остваруваат и целите на проектот „Започни ја промената“.