Повеќе од 800 ученици од различни етнички заедници започнаа заеднички ученички активности во рамки на секциите од проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Тие се дружат и заедно учат во духот на меѓуетничката интеграција.
Во секциите членуваат ученици коишто инаку учат на различни наставни јазици, поради што ретко имаат можност за меѓусебно да се запознаат. Секциите се одлична можност за младите од различни етнички заедници да соработуваат и да се забавуваат додека обработуваат теми од нивен интерес.
Од почетокот на учебната година, се реализираа голем број од заедничките активности. Учениците од основното училиште „Живко Брајковски“ од Бутел учествуваа во работилница во рамки на секцијата за здрава исхрана. Тие дебатираа за здравите навики, а потоа изработуваа постери со нивната омилена здрава храна.
И учениците од основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Струга учествуваа во интересна активност како дел од секцијата за заштита на животната средина. Тие го посетија Националниот парк Галичица при што се запознаа со основните информации за паркот и собраа примероци од растенијата кои подоцна ќе ги употребат за изработка на хербариуми.
Слично на ова, научно-рекреативни посети реализираа и основните училишта „Ѓорѓи Сугарев“ и „Гоце Делчев“ од Битола. Учениците од „Ѓорѓи Сугарев“ ги посетија Националниот парк Пелистер и инфоцентарот Пелистер во рамки на географската секција. При посетата, тие научија повеќе за историската патека од Првата светска војна. Се запознаа и со ретките видови растенија, начините на нивно размножување и пристапите за заштита на шумите. Во инфоцентарот учениците проследија и предавање за ориентација во простор и заштита на шумите од пожар.
Во јазичната секција во основното училиште „Гоце Делчев“ се изучува англискиот јазик. Па така, учениците од оваа секција ја посетија Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ во Битола каде научија повеќе за почетоците на библиотеката, библиотечниот фонд, начинот на достава на книги, обработка и терминологија. Младите го посетија и Музејот на албанската азбука. Таму дискутираа за ортографски (но и фонетски) разлики на одредени букви меѓу македонски, албански и англиски јазик.
Овие заеднички активности се само почеток. Во текот на учебната 2019/2020 година, учениците од 27 основни училишта ќе спроведуваат активности за подигнување на еколошката свест, здравиот начин на исхрана, за спорт, истражување, наука, математика и многу други интересни активности.
Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.