Започнаа отворените денови за граѓанско образование

3024
Основните училишта започнаа да организираат отворени денови за граѓанско образование на коишто презентираат младински иницијативи кои се резултат од реформите во Граѓанското образование. Процесот на реформирање на Граѓанското образование го водат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Проектот за јакнење на мултиетничката соработка во општините на Детската фондација „Песталоци“.

Учениците од основните училишта „Лирија“ во с. Вруток, Гостивар, „Страшо Пинџур“ во Кавадарци  „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба, „Методи Митевски Брицо“ во Лозово и „Григор Прличев“ во Охрид, организираа повеќе активности во рамки на отворените денови за Граѓанско образование во своите училишта.

Во Вруток, учениците од трите училишта го исцртаа дворот на училиштето „Лирија“ со забавни игри и направија корпи за пластика и хартија. Сите заедно се дружеа и запознаваа за време на иницијативата, разменувајќи искуства и премостувајќи ги етничките бариери.

Нивните соученици од „Страшо Пинџур“ во Кавадарци организираа настан по повод Неделата на детето со голем број на активности кои се состоеја од работилници, уметнички изведби, спортски натпревар, хуманитарна акција и изработка на мурал за правата на децата.

Интересен настан се одржа и во основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци. Пред присутните гости, учениците ги претставија иницијативите на кои работеле во изминатиот период и кои продолжуваат да ги развиваат. Меѓу темите кои младите ги обработуваат се екологијата како и спречувањето на насилство и дискриминација за зголемување на безбедноста во училиштето.

„Ние имаме избрано ученичка заедница – ученичкиот парламент и имаме предложено нови иницијативи за да си го разубавиме училиштето. Нашето училиште го направивме многу пријатно и безбедно катче со помош на ученичките иницијативи. Ја бојадисавме оградата во централниот дел, засадивме цвеќиња и дрвца, имаме летниковец, а поплочен е и забавниот кат во дворот“, велат ученички од основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци.

Во училиштето „Методи Митевски Брицо“ во Лозово, учениците учествуваа во вистински демократски процес на избор на претседател на ученичката заедница. Тројцата кандидати ги претставија своите програми, со многу идеи и предлози за подобрување на училиштето, наставата и воннаставните активности; по што следеше гласање од страна на учениците од осмо и деветто одделение. Додека траеше гласањето, учениците имаа можност да дискутираат со градоначалникот на општината, кој им вети дека нивните предлози ќе бидат вклучени во годишните програми на општината.

За време на отворениот ден за граѓанско образование во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, учениците организираа голем број на активности меѓу кои и еко акција и презентирање на своите идеи за подобрување на условите во училиштето.

Овие иницијативи и активности произлегуваат од новата наставна програма по Граѓанско образование. Новиот концепт подразбира активно учество на учениците во конкретни ученички иницијативи за позитивна промена во заедницата преку коишто се развива демократската култура кај младите.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.