Започна проектот Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk)

3566

Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија Сибил Сутер, заедно со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за образование и наука на Република Македонија Арбер Адеми, денес во Скопје го одбележаа почетокот на проектот Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk). Проектот е поддржан од Швајцарија и истиот има за цел да стимулира вработување преку подобрување на стручните вештини во земјава.

Зборувајќи за важноста на постоењето на систем за развој на стручни вештини во една земја, швајцарската амбасадорка Сутер објасни дека намерата на овој проект не е да се претстави швајцарскиот модел во Македонија, туку преку прилагодување на одредени елементи од швајцарскиот систем, соодветни за тоа, да се развие посебен систем за развој на стручни вештини кој ќе биде карактеристичен за Македонија. “Еден таков елемент е принципот на партнерство”, истакна амбасадорката Сутер. “Партнерството помеѓу стручните училишта и приватниот сектор е од клучно значење за да се осигура дека младите ги стекнуваат вештините што им се потребни на работодавците и кои ќе им помогнат полесно да добијат вработување. Ова е причината зошто вклучувањето на приватниот сектор е во суштината на нашиот проект“.

Пристапот до пазарот на трудот е особено важен за младите својата иднина да ја гледаат во Република Македонија. Еден од факторите коишто би можеле да придонесат кон полесен пристап на младите кон пазарот на трудот е квалитетното стручно образование и обука“, нагласи премиерот Заев.

Претставници од релевантни министерства и образовни институции, средни стручни училишта, единици на локална самоуправа, како и претставници од бизнис секторот и граѓанските организации, учествуваа на официјалниот настан со којшто се означи почетокот на проектот Е4Е@mk.

Во своето обраќање, министерот за образование и наука на Република Македонија Арбер Адеми потенцираше дека “секоја образовна мерка, проект или активност треба да даде придонес кон развојот и унапредувањето на квалитетот на националниот систем и да понуди нови образовни можности за граѓаните, но истовремено, треба да има и удел во намалувањето на јазот кој постои на пазарот на трудот, помеѓу реалните потреби и понудата на човечки капитал“.

Во следните 10 години проектот ќе биде имплементиран од страна на Хелветас Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, и ќе има за цел да овозможи повеќе граѓани, особено младите, да се стекнат со квалитетно стручно образование и обуки, како и да помогне во развојот на стручни вештини кои ќе придонесуваат кон зголемено вработување во земјава. Во првите четири години од спроведувањето на проектот се очекува 2250 лица, од кои поголемиот дел млади, да се вработат благодарение на подобрените стручни вештини.