Онлајн дискусија на тема „Време е за Граѓанско! Рефлексии за наставата по Граѓанско образование во средните стручни училишта“ беше организирана во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование, во соработка со Бирото за развој на образованието.

На почетокот на настанот, директорот на Бирото за развој на образованието ги поздрави присутните и им ја честиташе успешно завршената учебна година. Потоа, беа презентирани наодите од истражувањето за искуствата со новата наставна програма за прва година и Водичот за наставници по Граѓанско образование во средните стручни училишта. Имено, најголем дел од учениците (околу 85%) се изјасниле дека искуството со овој предмет им било многу позитивно и работите кои ги научиле биле многу корисни за нив.
Понатаму, наставниците и учениците дискутираа за наставните практики кои придонесуваат кон поквалитетна настава по Граѓанско образование и демократска клима во училницата. Учениците споделија што им било најинтересно на часовите во изминатата година и дека она што го научиле ќе им биде корисно во понатамошниот живот.
Претставниците на Работната група за Граѓанско образование за средните стручни училишта се осврнаа на изработката на наставните материјали. „Целта беше да се направат материјали кои би биле интересни за учениците, но и би им помогнале на наставниците во реализација на наставата. Процесот беше со голема взаемна соработка, иако се спроведуваше на далечина“, објасни член на Работната група.
Од страна на наставниците, истакната беше можноста за прилагодување на наставните материјали за употреба во наставата на далечина. „Водичот беше од голема помош за полесно осмислување на часот, насочување на фокусот на учениците и тие самите да ја изработат содржината“, вели еден од наставниците.
Според нив целите од наставната програма по Граѓанско образование треба да се интегрираат и во други предмети и воннаставни активности. „Наставникот мора да биде пример, самиот да нема предрасуди, да практикува мултикултурност и активно граѓанство“, додаваат тие.
Тие сметаат дека и заедничките часови се вклопуваат во овие цели, особено кога станува збор за развој на интеркултурни вредности. Велат дека за време на спроведувањето на овие часови имало предизвици, но кога учениците работеле во групи на конкретни задачи, соработката била одлична.
Прекрасната атмосфера беше збогатена и со дискусија меѓу сите учесници на крајот на настанот кои разменија искуства и мислења за наставните практики кои придонесуваат кон градење демократска клима во училницата. Со настанот и сертификацијата на наставниците се заокружи процесот на изработка на наставни материјали и обуки за наставниците по Граѓанско образование во средните стручни училишта.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.