Во духот на меѓуетничката кохезија и младинското учество се затвори Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието

366
На 21 септември 2022 година, се одржа настан за официјално затворање на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран во соработка со Младински образовен форум (МОФ). Преку младинска дискусија и забавна програма, се прославија достигнувањата и успесите во рамки на Проектот, ставајќи посебен акцент на слушање на гласот на младите и поддржување на нивните идеи и иницијативи за позитивни промени. Меѓу присутните беа ученици, наставници и претставници од училишта, општини, релевантни институции и меѓународни организации.

На настанот се обратија Љуљзим Алиу, заменик-министер за образование и наука и Ерик Мејер, заменик шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, кои ја истакнаа важноста од унапредување на социјалната инклузија, меѓуетничката хармонија и граѓанските вредности како и потребата од континуирана посветеност кон вклучување на младите во процесите за донесување на одлуки.

„Го поздравувам партнерството на Проектот со клучните образовни институции во нашата држава преку кое учениците беа вклучени во многубројни наставни и воннаставни активности. Како Министерство за образование и наука, продолжуваме да бараме начини да го стимулираме младинскиот активизам, да го поттикнуваме нивното учество во заедницата и да ја поддржуваме нивната истрајност“, рече Љуљзим Алиу, заменик-министерот за образование и наука.

Ерик Мејер, заменик шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје додаде, „На младите кои сте тука денес, ви порачувам да бидете проактивни лидери во вашите училишта, заедници, во вашата држава и како глобални граѓани. Барајте можности и поттикнувајте ги останатите да ви се придружат. Младите се нашата сегашност и нашата иднина. Секако, американската влада ќе продолжи да ве поддржува и да инвестира во младите во Северна Македонија“.

За време на настанот, клучните постигнувања беа претставени од аспект на младите. Ученичките Салија и Анастасија заедно со нивниот соученик Ваљтон споделија впечатоци од учеството во проектните активности и ја истакнаа важноста на истите за нивниот личен развој, но и за напредокот на заедницата. Гостинка на дискусијата беше и Теодора, претставничка од Младински образовен форум, а модератор беше раководителот на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и програмски директор на МЦГО, Небојша Мојсоски, кој се осврна на клучната улога на младите во процесите за позитивни промени како и на научените лекции и препораки од Проектот.

Атмосферата беше збогатена и со музичка изведба на ученици од различни етнички заедници и организации меѓу кои и членови на организацијата Рома Рок Скул и волонтери на Црвен Крст. Тие изведоа песна која заедно ја напишаа и компонираа за време на камп кој беше организиран за време на летото.

Во изминатите пет и пол години, Проектот работеше со образовните институции во земјава како и сите основни и средни училишта и општини низ државата за зајакнување на меѓуетничката кохезија во училиштата, граѓанското однесување на учениците и младинското учество, опфаќајќи над 400.000 ученици, наставници, училишен персонал и родители. Преку повеќе од 5.000 активности на ниво на училиштата и локалните заедници се создаваа можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници и се поттикнуваа нивната креативност и младинско учество.

Со поддршка на Проектот, се воведоа нови, современи наставни програми за граѓанско образование во повисоките одделенија во основните и во сите средни стручни училишта и од тоа придобивки имаат над 81.000 ученици. Исто така, беа реновирани 60 училишта односно 133.013 m² со што условите за учење и настава се значително подобрени за повеќе од 42.000 ученици и наставници.

Приказната продолжува…

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.