Вмрежување на општините за време на настанот „Од локална стратегија до локална младинска акција“

371
На 18 и 19 август 2022 година, во Охрид се одржа дводневен настан за вмрежување на општините „Од локална стратегија до локална младинска акција“, поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Помеѓу присутните беа претставници од 30 општини, дел од нив со донесени Стратегии за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество и реализирани младински акции, додека другиот дел внимателно следеа што нивните колеги/шки имаа да пренесат на оваа тема. Тие се стекнаа со информации и знаења за важноста од поддржување на училиштата и учениците во реализација на младински инцијативи.

За време на настанот, се споделија и совети и искуства од донесување на локалната стратегија и спроведување на акцискиот план кој е дел од стратегијата, со цел поддршка на младите во реализација на нивните иницијативи. Преку разновидни активности, присутните погледнаа позитивни примери од општините кои веќе го имаат поминато процесот и се инспирираа за спроведување на вакви активности и во своите општини.

Уште од училишните клупи младите учат како понатаму да станат активни граѓани во државата. Преку соработка и реализирање на иницијативи, тие ги градат и вежбаат нивните демократски компетенции. Во оваа насока, во период од 2019-2022 година донесени се 45 Стратегии за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество и реализирани се над 70 младински акции во партнерство со општините што во 2019 и 2020 година донесоа стратегии.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.