Повеќе од 250 гости – ученици, наставници, претставници од клучните образовни институции и претставници од УСАИД имаа можност да ја проследат јавната презентација на заеднички ученички активности која се одржа на средината на октомври, 2018 година во Младинскиот културен центар во Скопје. На презентацијата беа прославени посветеноста на учениците и наставниците во зајакнувањето на меѓуетничката соработка преку нивното учество во низа заеднички ученички активности во текот на изминатата учебна година.
Пред самиот почеток на настанот, присутните имаа можност да ги погледнат продуктите изработени од учениците од неколку училишта претставени на десетина штандови.
Учениците од „Живко Брајковски“ од Бутел се претставија со креативна макета на Сончевиот систем, додека пак младите од „Браќа Рибар“ од Табановце, Куманово ја презентираа изработената макета на нивното училиште. Учениците од „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола го споделија нивниот „Кодекс на меѓусебно почитување“ и ни покажаа колку е важно да се негува меѓусебната соработка, додека пак учениците од „Маршал Тито“ од Струмица зборуваа за тоа колку е важно нашето однесување во сообраќајот и сообраќајната култура воопшто, преку презентирање на нивната кампања за безбедност во сообраќајот.
Учениците од „Перо Наков“ од Куманово ги споделија своите идеи за тоа како може да се разубави нивниот град. Младите хемичари од „Гоце Делчев“ од Битола демонстрираа како може да се испита квалитетот на водата за пиење, а пак екологистите од „Вера Циривири Трена“ од Дебреште, Долнени ги споија креативноста и образованието и изработија прекрасни маици со еко пораки.
По крајот на изложбата на штандовите, гостите со огромно задоволство го погледнаа интересното анимирано видео со силни пораки кои треба да допрат до сите нас.
Веднаш потоа, гостите проследија три прекрасни театарски и музички перформанси. Учениците од средното медицинско училиште „Гостивар“ од Гостивар ја изведоа театарската претстава „Едноставно чудни приказни“ во која ги прикажаа предизвиците на младите на мошне креативен начин – преку познати ликови од приказните.
Следната театарска претстава насловена „Младост на раскрсница“ ја одиграа учениците од средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово. Во претставата тие го прикажаа животот низ призмата на младите од Тетово.
Со музичка изведба насловена „Разигрна градина“ се претставија пак учениците од основното училиште „Маршал Тито“ од село Муртино, Струмица, кои на овогодинешниот Струмички карневал го освоија првото место во категоријата групна маска од 5 до 10 учесници. На крајот, како официјално затворање на настанот, гостите имаа можност да го проследат настапот на училишниот бенд Рома рок скул.
Заедничките активности прикажани на настанот се само дел од активностите кои се спроведуваат во училиштата низ Македонија во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Во изминатата учебна 2017/2018та година, повеќе од 1300 ученици и наставници заеднички работеа на зајакнување на меѓуетничката соработка и промоција на граѓанските вредности, особено кај младите. Се организираа повеќе 400 заеднички ученички активности, младински иницијативи, креативни работилници и јавни дискусии. Целта на ваквите активности во кои учествуваат млади од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.