Успешни иницијативи и активности на учениците од заедничките секции за меѓуетничка интеграција

664
Во изминатите месеци, учениците кои учествуваат во заедничките секции за меѓуетничка интеграција ги развиваа своите вештини и креативни идеи, спроведувајќи повеќе иницијативи и активности, во рамки на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската фондација Песталоци.

Во ОУ „Браќа Рибар“ од с. Табановце, Куманово, минатата учебна година се реализираше Еколошката секција „Зелени чекори“, која имаше за цел да ги негува и развива творечките способности и вештини за подигнување на еколошката свест кај учениците и меѓусебната комуникација и соработка. Овие цели тие успешно ги постигнаа преку реализација на бројни активности. Учениците естетско го уредија училишниот двор и поставија куќи – хранилки за птици. Тие го одбележаа Меѓународниот ден на храната со хуманитарна акција за собирање на трајна храна, која потоа ја донираа во семејство на кое му беше најпотребна. Спроведоа и акција за средување и бојадисување на училишната ограда и организираа Еко квиз во училиштето, а потоа јавно ги презентираа постигнатите резултати.

Учениците од ОУ „Живко Брајковски“ во Бутел, во изминатата година учествуваа во Математичка секција. Кога времето беше топло, тие цртаа насоки за движење и игри во дворот на училиштето наменети за најмладите со почитување на протоколите за заштита. По ова активностите продолжија со настава од далечина каде работеа на изработка на различни друштвени математички игри, одбележување на празници и сл. За да се привлече интересот на учениците, но и да се постигне целосна интеграција во училиштето, наставниците направија одредени измени во планот и во него покрај математиката внесоа учење на знаковната азбука заради интеграција на ученици кои имаат оштетен слух. На овој начин учениците покрај стекнатите знаења од математиката, се дружеа меѓусебно, наоѓајќи нови начини за подобрена комуникација и разбирање на сите ученици во ова училиште.

ОУ „Толи Зордумис“ од Куманово работеше на Еколошка секција. Во текот на учебната година учениците истражуваа за ефектот на стаклена градина, изработија Еко кодекс на училиштето, научија нешто повеќе за јаглеродно стапало и можеа самостојно да направат пресметки. Сите овие активности учениците ги изведуваа на далечина и покрај стекнатите знаења имаа можност да се дружат, да работат во групи, да комуницираат и развијат пријателства меѓу себе.

И во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш се спроведоа многу интересни иницијативи. Во текот на учебната година работеше секцијата по Техничко образование – Моделарство, каде учениците имаа можност да се запознаат и да научат нешто повеќе за моделирање на имиња од хартија, изработка на предмети од материјали за рециклирање, накит од глина, боење на глинени предмети, копаничарство како занает, возење на велосипед до одредена дестинација и спроведување на игри без граници. Дел од овие активности беа спроведени преку учење на далечина, додека сите останати се реализираа со физичко присуство во училишниот двор со почитување на протоколите за заштита. За учениците полесно да ги разберат техниките на изработка на предмети од различни занаети, им се придружија и гости кои долги години работат одреден занает и им ги презентираа своите изработки и техники.

Учениците од различни етнички заедници продолжуваат да се дружат и да учествуваат во заеднички активности преку кои учат нови работи, соработувајќи заедно на теми што се од нивен интерес.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).