Училиштата посветено спроведуваат ученички иницијативи на далечина

927
И за време на учење на далечина училиштата посветено работат на активности за поттикнување на демократската клима и реализираат ученички иницијативи. Изминатиот период се спроведоа различни активности, како резултат на идеите на учениците за позитивни промени во нивните училишта и пошироката средина.

Учениците од ОУ „Дане Крапчев” од Гази Баба, во периодот на пандемија ја покажаа својата хуманост. Тие организираа хуманитарна акција и собраните средства решија да ги искористат за да набават заштитни маски за првачињата во училиштето, како и за повозрасните жители на општината. Своите пораки за хуманост и реакциите на првачињата и сограѓаните ги прикажаа во следното видео.

Во училиштето „Наим Фрашери” од с. Неготин, учениците избраа да работат на темите: права на децата и предрасуди. Своите ставови за овие прашања, учениците ги споделија со соучениците и претставници на пошироката заедница преку онлајн презентација.

Учениците од ОУ „Владо Тасевски” од Карпош ја идентификуваа како проблем злоупотребата на алкохол, лекови и недозволени супстанци од страна на нивните врсници и решија да подготват кампања за подигнување на информираноста помеѓу младите за ефектите на овие пороци. Најпрво, го испитаа мислењето и ставовите на соучениците, потоа учествуваа на две онлајн работилници, за превенција и третман на зависности и за графички дизајн, што им помогна да изработат оригинални информативни материјали и да ги споделуваат преку посебно креирани групи на социјалните медиуми (Фејсбук, Инстаграм). Тие со овој проект решија да учествуваат на конкурсот на Pompidou Group of the Council of Europe за младински активизам на тема зависности на кој учествуваат млади од 28 различни држави од Европа.

Тоа што не присуствуваат физички на училиште не ги спречи учениците од ОУ „Ванчо Николески” од Лескоец, Охрид да преземат иницијатива за уредување и разубавување на училишниот двор. Договарањето и планирањето се спроведе онлајн, но акцијата се реализираше со физичко присуство, со помали групи ученици и со почитување на протоколите за заштита. Тие не застануваат со нивните иницијативи и во текот на второто полугодие активно ќе работат на подигнување на еколошката свест помеѓу соучениците.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.