Под слоганот „Учи паметно, работи стручно” се одржаа 19 регионални средби низ државата со почитување на протоколите и мерките за заштита, на коишто Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и Министерството за образование и наука, градоначалниците и над 200 компании разговараа за потребата од нови профили кои треба да бидат дел од уписната политика во средните стручни училишта како и за практичната обука на учениците во компании. Целта на ваквите средби, поддржани од Амбасадата на Швајцарија и проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк), е да се поттикне социјален дијалог меѓу засегнатите страни, којшто би резултирал со создавање на млад, стручен и квалитетен кадар.

Првите средби се одржаа во Свети Николе и Штип. Помеѓу присутните беа претставници од приватни компании кои ги изразија своите потреби за стручен кадар, особено на локално ниво. Тие дискутираа со претставници од средните стручни училишта од што произлегоа предлози за нови стручни профили. Предложените профили е планирано да се отворат во средните стручни училишта во идната учебна 2021/2022 година.
„Разговараме кои се нивните реални потреби од одредени профили кои недостигаат со години наназад на компаниите, и можностите за нив да се отворат паралелки во средните стручни училишта. За првпат влегуваме во интензивно преговарање со компаниите, стопанските комори и средните стручни училишта со цел да го обезбедиме бараниот стручен кадар, но и да ја зголемиме вработливоста на младите“, рече Министерката за образование и наука Мила Царовска.
За време на средбите во Велес и Кавадарци беше нагласена потребата од тесна соработка помеѓу приватните компании и средните стручни училишта. Претставниците од локалната самоуправа споделија позитивни искуства со поголемите приватни компании во тој регион каде учениците се дел од практична обука, но и нагласија дека ваквата соработка треба да се прошири и помеѓу средните стручни училишта и малите и средни претпријатија.

Претставниците од средните стручни училишта исто така нагласија дека реализацијата на стручната обука за учениците не е целосна кога се реализира само во училиштата, од причина што најголем дел од потребните вештини се поврзани со нови и модерни технологии кои им се достапни само на компаниите.
Во оваа насока, Заменик Министерот за образование и наука Арафат Шабани, кој присуствуваше на настаните во Струга и Охрид, ги запозна учесниците со плановите на Министерството за ре-дефинирање на процесот на стипендирање на учениците кои би се запишале во средно стручно образование. Со стипендирањето, дополнително ќе се охрабрат и поддржат оние ученици кои ќе одберат стручна насока која е барана на пазарот на труд.

Во Тетово, се приклучија значителен број на компании од Полошкиот регион, претставници на локалната самоуправа, стопански комори и средни стручни училишта, заедно со премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Н.Е. Сибил Сутер. Тие разменија мислења и искуства за унапредување на практичната обука на ученици во компании која ќе овозможи стекнување на модерни стручни вештини и полесно вработување за младите во нашата земја.

За потребата од отворање на нови барани профили во стручните училишта преку кои ќе се создаде млад и стручен кадар за различни сектори се разговараше и во Крива Паланка, Кратово, Куманово, Прилеп, Битола, Богданци, Струмица, Кочани, Берово, Скопје, Илинден, Гостивар и Кичево. Големиот одзив од страна на компаниите на овие настани покажува дека постои сериозен интерес кај компаниите за вклучување во образовниот процес.
Министерството за образование и наука заедно со Центарот за стручно образование, со прибирање на предлозите за нови профили, ќе се насочи кон адаптација на уписната политика за следната учебна година 2021/2022 година, за кога се очекува и отворање на нови профили во одреден број на средни стручни училишта. Заради големиот одзив и воспоставената соработка со приватниот сектор, се очекува социјалниот дијалог да се реализира на редовна годишна основа и тоа на локално ниво т.е. помеѓу општините, локалните средни стручни училишта и компаниите од општината или пошироко.
Активноста е дел од проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк), поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.