Во учебната 2021/22 година средните стручни училишта се вклучија во активности за поттикнување на демократската клима во училиштата, преку реализација на ученички иницијативи, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Учениците и нивните ментори вредно работеа во текот на првото полугодие на разновидни активности за позитивна промена во нивната средина.

Учениците од средното училиште „Цветан Димов“ од Скопје спроведоа кампања за подигнување на свеста за штетните последици од користењето опојни супстанци, како и врсничкото насилство. Тие изработија налепници, со пораки на различни јазици, кои ги залепија на различни локации во општината. Истовремено спроведоа и едукативна работилница за нивните соученици.

Во средното техничко училиште во Гостивар се работеше на прашања од екологијата. Учениците соработуваа со Пакомак за достава на корпи за рециклирање отпад и организираа активност за селектирање и рециклирање. Исто така, учениците поднесоа барање и реализираа средба со општината за издавање ученички книшки за попусти за учениците.
Во земјоделско-ветеринарното училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола се спроведе активност за правење интерактивен парк за миленици во делот од училиштето, со пренамена на дел од стара земјоделска механизација. Покрај уредувањето на делот од дворот кој претходно бил неискористен, во паркот имаат можност да доаѓаат жителите од општината со своите миленици а со тоа учениците кои се на смерот Техничар за ветеринарна медицина, дел од практичната настава ќе можат да ја изведуваат преку директна комуникација со сопствениците на милениците и давање стручни совети и препораки. Во рамки на промоцијата на паркот се спроведе и работилница против насилство врз животните.

За да ги подобрат условите во училиштето и учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес спроведоа неколку иницијативи во текот на првото полугодие. Тие организираа акција за садење дрвја во училишниот двор, изработија летниковец и иницираа пуштање музика за време на одморите и помеѓу часовите, преку училишниот разглас. Развивајќи ја нивната креативност, своите постигнувања ги претставија во видео.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.