Ученичка од Access програмата ја искуси американската дипломатија во пракса

220
Почетокот на август ќе остане долго во сеќавањето на Бојана Коцева, ученичка која е дел од Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје. Таа доби можност да го помине денот во Амбасадата на САД во Скопје и да ја искуси американската дипломатија во пракса.

Бојана оваа година го заврши средното образование во СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе и меѓународните односи и дипломатијата се полиња кои е заинтересирана да ги унапредува. Во рамки на нејзиното активно учество во Програмата Access, таа беше дел од многубројни активности за развивање на животни и лични вештини преку кои ги збогати своите знаења на различни теми.

За време на посетата во Амбасадата на САД во Скопје, Бојана ја следеше работата на Амбасадорката Брнз и присуствуваше на состаноци заедно со неа. Направи и обиколка на различните сектори и поблиску се запозна со нивната работа и со целокупното функционирање на Амбасадата.

Преку активности поврзани со американскиот начин на живот, образовниот систем, политичкиот и културниот живот, како и традициите и вредностите на САД кои се реализираат во рамки на програмата, учениците имаат можност да ги унапредат вештините за англиски јазик, да ги развијат своите академски знаења и да придонесат кон социо-економскиот успех на нивните семејства.

Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.