Учениците учествуваа во многубројни воннаставни активности во рамки на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“

276
Воннаставни активности со ученици кои учат на различни наставни јазици во изминатиот период редовно се спроведуваа во рамки на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Преку овие активности учениците ги унапредуваа нивните вештини, учеа нови работи и се запознаваа подобро едни со други.

Во ОУ „Кирил и Методиј“ од Тетово, се спроведоа воннаставни активности по биологија и хемија. Главната цел беше учениците да се запознаат со калемење на овошни растенија, да научат нова, корисна животна вештина, но и да придонесат за разубавување на училишниот двор.

Учениците кои се дел од секцијата „Млади истражувачи“ од ОУ „Лирија“ од Тетово ја зајакнаа меѓуетничката соработка преку истражувачки активности. Тие истражуваа за структурата на атомот во елементи на периодниот систем и изработија модел на атом. Со учениците од одделенска настава се спроведе активност„Истражи го моето тело“. Тие преку сложувалка, игра и пополнување на наставен лист се запознаа со деловите на телото. Учениците од предметна настава, пак, истражуваа за животинска и растителна клетка, преку набљудување со помош на микроскоп. Понатаму имаа можност да направат експерименти со вулкан и слонова паста.

Во ОУ „Браќа Миладиновци“ од Струга, преку секцијата „Со читање до лидерство“ се мотивираа младите да стекнат навики за читање. Учениците изработија постер со мотивациски цитати, истражуваа за некоја личност која за нив преставува инспирација и наоѓаа пораки кои имаат влијание врз нивната самодоверба и мотивација. Истите потоа ги запишуваа на нивниот мајчин јазик. Изработија и креативни бележници за книга инспирирани од пораките и цитатите.

Во рамки на сообраќајната секција во ОУ „Толи Зордумис“ од Куманово, активностите беа насочени кон воведување на учениците во значењето на сообраќајните знаци, развивање навики за одговорно и безбедно учество во сообраќајот и вежбање на самостојно и сигурно ориентирање во блиската околина. Учениците имаа можност да се запознаат со основните сообраќајни знаци преку игри, фотографии и презентации.

Во дел од училиштата работеа и еколошки секции. Младите еколози од ОУ „Кирил и Методиј“ од с. Романовце, Куманово реализираа бројни активности. Учениците заедно го уредија училишниот двор. Во оваа активност им се приклучија и ученици кои официјално не се дел од секцијата, но сакаа да дадат свој придонес. Учениците ја посетија прочистителната станица на отпадни води во с. Доброшане, каде се запознаа со процесот на добивање органско ѓубриво. Во близина на станицата се наоѓа и расадникот за зимзелени растенија и грмушки и учениците имаа можност да го посетат и да научат повеќе за тоа кои растенија да ги посадат во училишниот двор. Засадија зимзелени садници за кои понатаму ќе се грижат.

Главна цел на еколошката секција во ОУ „Гоце Делчев“ од Битола беше подигнување на свеста на учениците за зачувување на животната средина и грижа за здравјето. Учениците изработија еко сликовница со предлози за зачувување на животната средина и истражуваа за количеството на енергија во храната. Исто така, тие се запознаа со значењето на рециклирањето на старата хартија и се обидоа да рециклираат и повторно да ја употребат старата хартија. Учеа и за рециклирање на пластиката и изработија интересни предмети од стара пластика.

Во ОУ „Пере Тошев“ од Долнени, учениците се запознаа со можните производи од отпадот како ресурс. Тие изработија еколошки календар, истражуваа за загрозените видови на животни и растенија и предлагаа мерки за нивна заштита. На крај изработија хамери на кои ги преставија загрозените видови на растенија и животни во регионот.

Слични активности спроведоа и учениците од еколошко-истражувачката секција во ОУ „Единство“ од с. Октиси, Струга, кои ги истражуваа специфичните растенија во Струшкиот регион. Потоа собраа одредени видови на растенија кои се карактеристични за нивната околина и направија различни изработки од собраниот материјал.

Покрај целите за продлабочување на знаењата и вештините на учениците во рамки на секциите кои проектот ги поддржува, учениците од различни етнички заедници меѓусебно подобро комуницираат, стекнуваат нови пријателства и се дружат, соработувајќи заедно на теми што се од нивен интерес.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).