Учениците учествуваа на онлајн панел дискусија ,,Дали живееме на нашата планета како да имаме друга на која би можеле да заминеме?”

707
„Дали живееме на нашата планета како да имаме друга на која би можеле да заминеме?” – ова беше главната тема на онлајн панел дискусијата организирана по повод Денот на планетата Земја во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Повеќе од 60 гости, меѓу кои беа ученици кои се дел од Центарот за фузија на идеи и нивни соученици, внимателно ја следеа дискусијата реализирана преку платформата Zoom.

На почетокот, три ученички од Центарот за фузија на идеи, Исра Османи, Љубина Божиноска и Мевла Волина, направија кратка презентација за значењето на 22 април – Денот на планетата Земја. Тие споделија и начини на кои сите ние можеме да го одбележиме овој ден дури и во услови на пандемија.

Потоа, истакнатите еко-активисти и екологисти, Ирина Јаневска, Аријанит Џафери, Олга Рајчиќ, Горјан Јовановски и Џеф Гејџ кои беа во улога на панелисти ги споделија своите искуства  со гостите. Тие разговараа на теми поврзани со активностите кои се преземаат за зачувување на планетата, инспиративни и креативни идеи за заштита на животната средина, но и сегашни и претстојни предизвици. Со цел да се слушне гласот на младите, двајца ученици-членови на Центарот за фузија на идеи, Бленди Таранеши и Лина Христовска, имаа можност да разговараат за нивото на свест на учениците и граѓаните за заштита на животната средина како и за ученички еко-иницијативи од кои тие биле дел.

На крајот од средбата, учесниците дискутираа со панелистите и разменуваа мислења за актуелни теми поврзани со заштита на животната средина.

На настанот се обрати и претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски. Тој им го честита Денот на планетата Земја на сите гости и ги поттикна да продолжат активно да се грижат за околината. „Лично ја ценам вашата фокусираност на заштитата на животната средина и ве охрабрувам да продолжите да го вложувате вашето време и талент бидејќи нема поважна задача отколку да направите долгорочно и значајно влијание врз нашите заеднички природни ресурси. Сите сме одговорни за придонесот и секој од нас може да направи промена, без оглед колку мала, за да ја зачуваме и заштитиме нашата планета“.

Со голема мотивација и возбуда учениците зборуваа за моќта на социјалните медиуми во борбата против загадување на околината и споделуваа добри меѓународни практики. Настанот овозможи зголемување и проширување на знаењата на сите гости, но пред сѐ на учениците – кои се очекува посветено да продолжат да придонесуваат кон подобра и почиста околина.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.