Учениците спроведоа интересни младински акции во Свети Николе, Пробиштип и Врапчиште

470
Младите ја покажаа нивната проактивност и иницираа младински акции во нивните заедници. Акциите произлегоа од нивните онлајн работилници и средби во изминатите месеци на коишто дискутираа за предизвиците и презентираа креативни решенија за подобрување на состојбата во нивната околина. Преку онлајн средби за застапување на идентификуваните приоритети, тие ја обезбедија потребната поддршка за реализација на нивните идеи.

Свесни за важноста од заштита на животната средина, учениците од основните училишта „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев” и средното училиште „Кочо Рацин” од Општина Свети Николе иницираа чистење на новиот градски парк од страна на Општината со почитување на сите протоколи за заштита. Се поставија и корпи за отпадоци, клупи за седење, и летниковец со што паркот доби поубав и современ изглед. Благодарение на нивната проактивност, младите сега имаат место каде можат да се дружат заедно и да се рекреираат.

Со нова урбана опрема се разубави и паркот позади Музејот за ретки минерали во Пробиштип. Врз основа на Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието, Општината ја поддржа младинската иницијатива на учениците од основните училишта „Браќа Миладиновци” и „Никола Карев” и средното училиште „Наум Наумовски Борче”. По неколку онлајн средби одлучија да се реализира идејата за збогатување на паркот со клупи, корпи за отпадоци и слична опрема.

„Среќни сме што придонесовме за подигнување на еколошката свест, уредувањето и разубавувањето на паркот. Сите ние кои досега го избегнувавме паркот поради неговиот изглед, се надеваме дека сега со поставувањето на новата урбана опрема, овој парк ќе ни биде едно од најчестите места за дружење“, велат учениците.

Во Врапчиште, почитувајќи ги протоколите за заштита, младите заедно го разубавија дворот на основното училиште „Врапчиште“. Тие посадија дрвја во дворот и поставија канти за отпадоци.

Овие акции се поддржани од Општините Свети Николе, Пробиштип и Врапчиште и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во соработка со Младински образовен форум. И во претстојниот период се планирани повеќе вакви акции за подобрување на состојбата во различни општини низ државата во кои ќе бидат вклучени повеќе ученици.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.