Учениците од Виница реставрираа клупи и го разубавија јавниот простор

528
Во пријатна и продуктивна атмосфера, учениците од Виница организираа младинска акција, поддржана од Општина Виница и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум.

Со почитување на протоколите за заштита, учениците од основните училишта „Гоце Делчев“, „Кочо Рацин”, „Славчо Стојменски“ и „Никола Парапунов“ и средното училиште „Ванчо Прке“ заедно со наставници-ментори реставрираа, поправаа и боеја клупи во техничката работилница во средното училиште „Ванчо Прке”. За да се разубави училишниот двор на единственото средно училиште во општината и младите да имаат пријатен простор за дружење и меѓусебна интеракција, дел од реставрираните клупи се поставија во дворот, а останатите ќе бидат однесени во руралните средини во близина на Виница.

На ѕидот во дворот беше нацртан и мурал за прикажување на важноста од меѓусебно почитување и соработка. На овој начин, учениците придонесоа за заштита на животната средина, разубавување на околината, но и ги унапредија нивните практични вештини.

„Многу убаво си поминавме. Многу е забавно. Заедно ги обоивме клупите и ѕидовите и го уредивме дворот на гимназијата. Соработувавме заедно за да придонесеме кон ова“, велат учениците.

За време на акцијата, им се придружи Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски кој разговараше со нив за тоа што научиле од целиот процес на планирање и спроведување на младинската акција.

Тој истакна, „Одлично е да се види како во оваа акција е вклучена целата заедница. Ученици од повеќе училишта се собраа заедно за да придонесат кон подобрување на заедницата преку реставрирање и боење на клупи и цртање мурал. Ова е едно прекрасно партнерство со млади, предводено од младите и мило ми е што гледам дека младите се активни и нивниот глас се слуша на локално ниво“.

Тој се сретна и со Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков и со директорот на средното училиште, Тихомир Тасев со кои дискутираше за тоа како општината ќе продолжи да ги поддржува младите и нивните иницијативи како и за плановите за соработка со училиштата за унапредување на меѓуетничката интеграција.

Акцијата произлезе од приоритетите на младите кои ги идентификуваа изминатиот период за време на онлајн работилници. Тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка за реализација на нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам.

Следуваат уште младински акции за време на кои учениците ќе продолжат да ја подобруваат состојбата во нивните заедници.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.