Во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, учениците иницираа и спроведоа многубројни активности за здрава исхрана и правилен начин на живот. Овие иницијативи произлегуваат од новиот концепт за граѓанско образование и се поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Прво, учениците спроведоа анкета за начинот на исхрана меѓу нивните соученици. Истата беше пополнета од околу 130 ученици и врз база на сознанијата, се изработи презентација за правилна исхрана и здрав начин на живот која беше презентирана пред поголема група.


Потоа, за да ја истакнат важноста од физичка, но и ментална активност, организираа спортски натпревари во пинг-понг и шах. Под мотото „Во здраво тело, здрав дух“, заедно се забавуваа и дружеа, но во исто време се запознаа и со потребата од редовна активност.

Беше изработена и брошура со совети за правилна исхрана која беше поделена меѓу нивните врсници како и до семејства од социјално ранливи категории. За овие семејства организираа хуманитарна акција. Учениците од смеровите угостителски техничар и готвач приготвија здрави оброци, ги спакуваа и во соработка со Црвен Крст ги доставија до семејства од Охрид на кои им беа најпотребни.



Преку овие активности, учениците ги поврзаа стручните знаења и вештини кои ги стекнуваат во училиштето со потребите на заедницата во која живеат и придонесоа за покренување на свеста за значењето на здравата храна и хуманоста. На овој начин, практикуваа ученичко учество и нивниот глас беше слушнат што доведе до позитивни промени во нивната околина.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.