Учениците од Кочани организираа младинска акција за разубавување на јавниот простор

501
Учениците од основните училишта „Св. Кирил и Методиј“, „Малина Поп Иванова“, „Крсте Петков Мисирков“, „Никола Карев“ и „Раде Кратовче“ и од средните училишта „Љупчо Сантов“ и „Гошо Викентиев“ од Кочани, организираа младинска акција. Акцијата е поддржана од Општина Кочани и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Со почитување на мерките за заштита учениците заедно со нивните наставници и претставници од општината се собраа кај „Споменикот на слободата“. Заедно го исчистија местото, подигнувајќи ја свеста за заштита на животната средина и ги претставија клупите и корпите за отпадоци кои беа поставени за да се разубави просторот.

Благодарение на нивната иницијатива, младите од Кочани имаат поубаво место за дружење и за поминување на слободното време како и за организирање на настани на отворено.

„Многу сме среќни бидејќи конечно можевме да го разубавиме ова прекрасно место во кое ние можеме многу повеќе да се здружиме и да имаме повеќе активности. Ова беше од нас младите за младите и една порака кон сите – да го чуваме овој простор и да го правиме уште поубав“, велат учениците кои беа вклучени во акцијата.

Акцијата е резултат на онлајн средби, на кои учениците ги планираа приоритетите за подобрување на состојбата во општината и потоа ги застапуваа пред локалните власти за да ја обезбедат потребната поддршка. И успеаја да ја реализираат нивната иницијатива.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.