Учениците од Гостивар се запознаа и лоцираа локални проблеми

2353
На почетокот на април, 2019 година, повеќе од 30 ученици од различни етнички заедници од неколку училишта од Гостивар се сретнаа и дискутираа за проблемите со кои тие, како млади личности се соочуваат во својот град. И покрај тоа што учениците за прв пат се сретнаа едни со други, заедничките интереси набрзо ги зближија. До крајот на средбата, учениците веќе ги поставија темелите за идна младинска акција која заедно ќе ја реализираат.

На почетокот, учениците се запознаваа преку игри и динамични активности, а потоа ги идентификуваа заедничките проблеми. Дел од проблемите кои тие би сакале да ги решат се неповолните услови на бездомните лица во градот, потенцијалната опасност од кучињата скитници и загадената животна средина. Исто така, учениците изразија загриженост за недостатокот на младински центри во кои тие би се дружеле, како и недостигот од литература за млади во локалната библиотека.

На крајот, младите гласаа за најдобрите потенцијални решенија за предизвиците, како на пример чистење и разубавување на градот преку еко-акции. Исто така, тие изразија желба да научат повеќе за тоа како можат конкретно да придонесат за подобрување на нивната заедница. Токму затоа, во претстојниот период, учениците ќе бидат обучени за младинска вклученост, аргументирано и организирано изразување и алатки за прибирање на средства за локални младински иницијативи.

Како краен резултат, се очекува учениците да организираат креативна младинска акција за решавање на некој од идентификуваните предизвици. Целиот процес е поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. До крајот на оваа учебна година, слични иницијативи ќе се организираат и во Куманово и Струмица.

Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.