„Како да се размислува креативно и да се осмислуваат иновативни решенија на предизвиците…?” – за ова учеа и дискутираа учениците кои се дел од виртуелниот Центар за фузија на идеи на онлајн обука за креативно размислување, која се одржа на крајот на месец февруари. Преку интерактивни вежби и активности тие ги унапредија своите знаења и ги проширија своите погледи за иницирање и спроведување на идеи за позитивни промени во заедницата.

За време на обуката, предавачите Владимир Караев и Љупка Ристовска им претставија на учениците што значи креативно размислување и зошто е тоа важно. Тие истакнаа дека е клучно да се размислува надвор од кутијата и низ примери им покажаа на учениците какви позитивни резултати се постигнуваат со креативност.
Поттикнати од ова, учениците во групи заеднички решаваа загатки и предлагаа иновативни решенија на проблемите кои им беа поставени. На овој начин, научија да гледаат на нештата пошироко и да се обидуваат да осмислат повеќе идеи за подобрување на нивните училишта и пошироката заедница. Дискутираа и за тоа дека треба да бидат проактивни и да ги споделуваат сите нивни идеи.

„Не се откажувајте и не застанувајте на првата идеја. Размислете дека можеби постои повеќе од едно решение кога се соочувате со некој предизвик. Секоја идеја вреди и вашата идеја треба да биде слушната. Не ја чувајте само за себе“, им порача Љупка Ристовска.
Владимир Караев додаде, „Не се плашете да ја покажете креативноста во секое време и верувајте во вашите предлози. Не се плашете да згрешите и не размислувајте како сите“.
Вакви онлајн обуки и активности за развивање на вештините на учениците и зајакнување на нивните капацитети се планирани во текот на целата година. Преку нив, учениците ќе соработуваат заедно и ќе учествуваат во развивање и спроведување на уникатни и креативни идеи на далечина.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.