Учениците кои се дел од виртуелниот Центар за фузија на идеи учествуваа на онлајн обука за комуникациски вештини и јавно говорење, која беше организирана во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Целта беше учениците да го збогатат своето знаење и да научат како успешно да ги презентираат своите идеи за позитивни промени во заедницата.

Правилната комуникација овозможува формирање на врски, влијание врз одлуки, но и пренесување на пораки. Комуникациските вештини и јавното говорење се способности кои се од суштинско значење за амбициозни ученици кои се стремат кон реализирање на позитивни промени во нивната околина.
За време на обуката тие ги зајакнаа своите способности за да можат да ги пренесуваат јасно своите ставови, а преку нив да мотивираат и да информираат. Темите кои беа обработени вклучуваа вербална и невербална комуникација, говор на тело и техники за квалитетно јавно говорење. Преку вежби, добија и можност да го видат тоа што го научија во пракса.

Подобрените вештини кај учесниците на обуката, кои се воедно и дел од ученичките парламенти во нивните училишта, се очекува да придонесат кон остварување на интересите на учениците и поквалитетно ученичко организирање.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.