Учениците и наставниците покажаа како ја започнаа промената во нивните училишта

151
На 23 ноември 2022 година, се одржа завршен настан во рамки на проектот „Започни ја промената“ кој обедини околу 100 ученици, наставници и претставници од образовните институции. Со активно учество на младите, се презентираа и прославија достигнувањата и успесите во рамки на проектот и се потенцираше важноста од зајакнување на гласот на младите за позитивни општествени промени.

За време на настанот, претставници од Министерство за образование и наука го претставија документот со насоки за внесување дополнувања во политиките за образование кој беше изработен во рамки на проектот и се осврнаа на важноста од поддржување на младите и нивните идеи.

Со цел да ги презентираат многубројните спроведени активности во нивните училишта, ученици од петте проектни училишта СОУ „Никола Карев“ – Струмица,  СОУ „Перо Наков“ – Куманово, ОУ „Браќа Рамиз – Хамид“ – Скопје, СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје и ОУ „Кузман Јосифовски -Питу“ – Скопје уредија штандови со нивни изработки и објаснија кои активности ги спровеле и какво влијание имале истите за нивната околина.

Во рамки на настанот се одржа и интерактивна работилница за учениците на која тие мапираа проблеми и потенцијални решенија поврзани со тоа што за нив значи идеално училиште. Истите ги презентираа пред присутните и дискутираа како би можеле да се спроведат во училиштата.

Проектот „Започни ја промената“ придонесе кон поттикнување, поддржување и зајакнување на гласот на децата и младите. Преку вклучување на околу 500 ученици во проектните активности, младите добија можност активно да учествуваат во своите локални заедници. Исто така, 100 наставници и претставници од стручните служби ги зајакнаа своите знаења и вештини за поддршка на учениците преку учество на обуки и настани во земјата и во странство.