На 20 мај, 2019 година, средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица беше домаќин на повеќе од 100 ученици од различни етнички заедници кои имаа можност меѓусебно да се запознаат и да дискутираат за заедничките проблеми со кои се соочуваат како млади.
За време на дискусијата младите посочија дека во општината недостасува кино и игралишта за спортска рекреација. Дополнително нагласија дека во заедницата има проблем со бездомни кучиња и упатија апел до надлежните институции наскоро да ги решат овие проблеми.
Учениците издвоија и проблем за којшто сакаат и самите да помогнат да се реши – лошата состојба во која се наоѓа дворот на училиштето „Јане Сандански“. За иницијативата на младите да стане реалност, тие веднаш се упатија кон дворот на училиштето и детално ги мапираа потребните интервенции, а потоа и разговараа за активностите кои ќе ги преземат за да се разубави просторот.
Крајниот резултат од овој процес ќе биде креативна младинска акција на којашто тие ќе го направат дворот на училиштето функционален за користење и ќе го разубават просторот во кој минуваат голем дел од своето време. Целиот процес е поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Општина Струмица и Младински образовен форум.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.