Кон крајот на месец април 2018 година, учениците од двете подрачни училишта „Елпида Караманди“ од село Цапари и „Крсте Петков Мисирков“ од село Кишала одржаа работилница на тема екологија.
Целта на работилницата беше да се подигне свеста кај младите за загаденоста на воздухот, да се откријат факторите кои ја предизвикуваат оваа состојба и да се дискутираат потенцијалните начини на коишто тие може да придонесат за намалување на аерозагадувањето.
Работилницата започна со кратко предавање, а потоа продолжи во продуктивна дискусија за загадувањето на воздухот. Инспирирани од дискусијата, учениците работеа на креирање еко пораки испишани на македонски и албански јазик.
Со поддршка од своите наставници, пораките ги поставија на еколошко пано кое ќе го краси холот на подрачното училиште „Елпида Караманди“ од село Цапари и ќе биде потсетник на соработката, дружбата и заедничките моменти на овие ученици од различни етнички заедници.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.