125 средношколци од градовите Кичево, Гостивар, Тетово, Куманово и Скопје, кои се дел од Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, активно учествуваа во интерактивни, продуктивни и забавни воннаставни активности. Покрај редовните часови од Програмата Access кои се одржуваат два пати неделно, вклучени се и работилници и посети на културни и образовни институции за развивање на животни и лични вештини.
Во месец февруари 2020 година, учениците заедно имаа можност да се информираат за Денот на Мартин Лутер Кинг преку учество на интерактивна работилница предводена од наставник од САД, Патриша Дејвидсон, која е волонтер во Амбасадата на САД во Скопје. Тие го проследија познатиот говор “I have a dream”, дискутираа на темата, и изработија и презентираа постери поврзани со животот и делото на Мартин Лутер Кинг. Поттикнати од говорот, ги претставија и нивните соништа за иднината после средното училиште.
За време на посетите на Американските катчиња во Скопје и Тетово, го гледаа македонскиот филм „Медена земја“, кој беше номиниран за два Оскари и дискутираа на теми поврзани со Оскарите. Исто така учествуваа во забавен и едукативен квиз поврзан со темата Оскари. Тие се дружеа и разменуваа мислења за филмовите со што го зајакнаа своето јавно и аргументирано говорење на англиски јазик.
За збогатување на познавањата од американската култура и демократските вредности, младите учествуваа во работилница по повод Денот на претседателите, кој се одбележува во САД. Под водство на Габриел Кухл, Волонтер на Мировен корпус во Скопје, тие собираа и креативно презентираа податоци за првиот американски претседател Џорџ Вашингтон.
Слични активности поврзани со американскиот начин на живот, образовниот систем, политичкиот и културниот живот, како и традициите и вредностите на САД ќе продолжат да се реализираат и во наредните месеци. На ваков интересен и неформален начин што е различен од редовната настава, средношколците ќе имаат можност да ги унапредат вештините за англиски јазик, да ги развијат своите академски вештини и да придонесат кон социо-економскиот успех на нивните семејства.
Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.