„Воздухот е услов за живот без разлика на родот, возраста, етничката припадност, а токму тоа нè доведе на едно место, на оваа тркалезна маса да продискутираме за загаденоста на воздухот во градот, видовите загадувачи, болестите и предлог мерките за надминување на проблемот“ – со овие зборови беше отворена тркалезната маса на тема „ПМ честички во воздухот континуиран убиец на сите“, организирана на почеток на месец април 2018 година во просториите на основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола.
Прекумерното присуство на ПМ честичките во воздухот веќе подолг период беше предмет на интерес на учениците од географската секција во училиштето бидејќи тие учествуваа на едукативно предавање за штетните последици од загадувањето со ПМ честички, организирано од Регионалното географско друштво Геосфера.
Со цел да ја кренат јавната свест за овој проблем, овие дваесет основци кои учат на различни наставни јазици заеднички организираа тркалезна маса на која присуствуваа ученици, наставници, родители и експерти од областа. На почетокот на настанот, учениците го презентираа истражувањето пред присутните гости и предлагаа мерки за намалување на прекумерното загадување на воздухот. На тркалезната маса земаа збор и д-р Мартин Мицевски, Нешат Аземовски, претставник на НВО „Биосфера“ и Јулијана Илиевска, инспектор за животна средина во Општина Битола.
И покрај тоа што присутните предложија голем број на конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина, најважниот заклучок од трибината беше дека мора интензивно и континуирано да се работи на едукација и подигнување на еколошката свест на населението.
„Покрај целта да се подигне еколошката свест, активноста придонесува и да се развиваат вештини кај учениците за комуникација и соработка што се потребни за меѓусебна интеракција, интеракција со наставниците, родителите и други возрасни лица од различни етнички заедници. Всушност, вака градиме вредности за меѓуетничка интеграција на младите во мултикултурно општество“, изјави Биљана Стојковска, еко координатор во училиштето.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.