Ученици ја уредија зачинската градина во СУГС „Браќа Миладиновци“

3106
Младите од четирите скопски училишта АСУЦ „Боро Петрушевски“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и СУГС „Браќа Миладиновци“ организираа младинска акција во дворот на средното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

На почетокот на акцијата, средношколците го исчистија дворот, а потоа дел од нив садеа сезонски семиња и ја уредуваа зачинската градина, додека пак другите ученици изработуваа украсни предмети.  Младите се забавуваа, истовремено учествувајќи во повеќе активности за разубавување на просторот.

„Денес се собравме тука неколку училишта. Се дружевме со другите ученици и си поминавме навистина убаво. Беше задоволство да се запознаат нови пријатели и заедно да се работи на нешто ново“, вели Ајрије, ученичка во СУГС „Браќа Миладиновци“.

„Ние прекрасно си поминуваме и заедно работиме се со цел да се запознаеме подобро. Јас, лично, стекнав прекрасно искуство и запознав многу пријатели од различни националности“, додава Трајче, ученик во истото училиште.

Преку ваквите акции, се поттикнува младинскиот активизам кај учениците од различни етнички заедници. Тие имаат можност да соработуваат со локалните власти и да спроведуваат иницијативи за подобрување на општествените предизвици кои ги засегаат.

Во изминатиот период, младите од четирите училишта заедно го уредија дворот на СЕПУГС „Арсени Јовков“ и направија младински центар во СГГУГС „Здравко Цветковски“, а наскоро ќе постават паркинзи за велосипеди и ќе го уредат дворот и на АСУЦ „Боро Петрушевски“.

Младинските акции се поддржани од Град Скопје и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.