Учењето и посетувањето на училишните часови се одвива во поинакви услови за учениците. Поради пандемијата повеќето од нив ја следат наставата на далечина и учат пред екраните. Сето ова значително го измени нивното секојдневие.
Поврзано со ова, ученичките Љубина и Мелиса кои се дел од Центарот за фузија на идеи ги споделуваат нивните мислења и искуства со учењето на далечина. Прочитајте повеќе за позитивните страни, но и за предизвиците со кои се соочиле.
Љубина Божиноска:
2020 година. Тешка година за сите нас. Се сретнавме со нешто кое што никој не се надеваше дека ќе дојде или дека постои. Корона вирусот… Се соочивме со нешто ново, сите влеговме во нов свет. И ние учениците, впливавме во нешто сосема непознато. Онлајн наставата.
За секого беше тешка 2020, но за нас учениците беше посебно тешка. На почетокот сите се радувавме: „Јееј, нема тестови, нема усни одговарања“. Но, всушност сега ја воочивме тешкотијата на онлајн наставата. Нема дружења, дури заборавивме како изгледаме. Од 7 до 8 часа дневно секое дете треба да има технолошки уред пред себе за онлајн наставата и за другите обврски поврзани со овој начин на учење. А, со тоа страдаме ние и нашите тела, посебно ‘рбетот и нашите очи. Исто така и нашата психичка состојба, нашите оптеретени мисли.
Сепак, она што е убаво во онлајн наставата е тоа што можеме да научиме нешто ново и да се запознаеме подобро со технологијата. И покрај сите лоши работи во 2020 и онлајн наставата, во мојот живот се појави нешто ново. А, тоа е воннаставната активност „Центар за фузија на идеи“, која веќе можам да кажам дека ми промени дел од размислувањата во животот. По првиот состанок, кај самата себе воочив промени, во однос на комфорната зона, секојдневието, иднината…
Да не ја губиме надежта, бидејќи таа е единственото нешто што ни преостанува во овие тешки времиња. Да се надеваме дека ова „чудо“ ќе исчезне, во најкраток можен рок, па сите да се вратиме во училишните клупи и да се дружиме исто како во минатото!

Мелиса Мулишева:
Заради пандемијата со КОВИД-19 сите мораа наставата да ја извршуваат на далечина. Што нас не научи КОВИД-19? КОВИД-19 нас не научи дека: здивот е најбитен во животот, треба да живееме во чист воздух, не треба да им наштетуваме на дрвата, инсектите и слично. И уште многу други работи научивме. За време на пандемијата КОВИД-19, наставата ја вршевме онлајн и ова за нас во некои ситуации беше добро, а во некои не.
Позитивни придобивки од пандемијата беа следни: за време на онлајн наставата освен учениците од класот на часот имаше можност да се приклучат и директори, психолози и други лица од подалечни училишта, задачите кои не можевме да ги разбереме за време на час можевме да ги истражуваме преку интернет како и многу други придобивки. Доколку ние не реализиравме настава на далечина ќе мораше да одиме во училиште и во тој случај да стануваме рано за да го стигнеме училишниот превоз или како некои други ученици да го одиме патот од дома до училиште и назад.
А некои негативни аспекти од пандемијата се дека со долгото седење може да појават здравствени проблеми и има зголемени можности за препишување за време на тестовите.
Со учењето на далечина луѓето научија како да ја користат технологијата и Microsoft Teams платформата. Јас за време на пандемијата се вклучив во Центарот за фузија на идеи и склучив нови пријателства што за мене беше многу корисно. Се запознав со луѓе од многу различни места.
Ние веруваме дека во наредниот период сè ќе се врати пак во нормала.
Овие високо-мотивирани ученици кои се и членови на ученичките парламенти во училиштата, во рамки на Центарот за фузија на идеи учествуваат во развивање и спроведување на уникатни и креативни идеи на далечина.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.