Заедничките часови по различни предмети, кои ги реализираат парови наставници со ученици кои учат на различни наставни јазици, продолжуваат да се одржуваат преку дигитални платформи и алатки во рамки на редовната настава. Учениците од СЕПУГС „Арсени Јовков“ во Скопје се прилагодија на учењето од далечина и продолжија да се дружат, учејќи нови работи и почитувајќи ги различностите.
За време на заедничкиот час по предметот англиски јазик, учениците заедно со нивните наставници дискутираа зошто го сакаат градот Скопје и ги објавија нивните мислења и слики на дигитални платформи. Како финален производ од оваа активност, учениците заедно соработуваа и за изработка на кратко видео за Скопје инспирирано од нивното учество на часот.
На заедничкиот час по спорт и спортски активности пак, се споделуваа детали поврзани со ракомет, одбојка и атлетика. Младите дискутираа за нивното искуство, важноста на овие спортови и начините како правилно дa се практикуваат истите.
„Сите бевме заедно и комунициравме и беше добро за сите нас. Си правевме друштво едни на други”, вели еден од учениците.
Во рамки на предметот германски јазик, наставниците подготвија документ кој им служеше како бела табла и заедно со учениците го пополнуваа во нивната заедничка онлајн училница. Така учениците научија повеќе зборови на германски јазик поврзани со политика, образование и невработеност во Германија. Решаваа и квиз за проверка на знаењата и се вклучија во дискусија за невработеноста на младите за проширување на нивниот вокабулар и зајакнување на вештините за аргументирано изразување.
,,Мене ми беше сè интересно, бидејќи генерално германскиот јазик за разлика од англискиот е потежок и професорките успеваа да ни објаснат сѐ преку забава и преку игри и имавме многу добра соработка”, додава учесник на часовите.
За да ги збогатат своите аналитички вештини, по предметот практична настава, учениците следеа заедничка презентација на различни наставни јазици и заедно решаваа задачи од областа на економијата и сметководството.
Учениците и нивните наставници успеаја да соработуваат преку учење од далечина подобрувајќи ја меѓуетничката интеграција меѓу учениците од различни етнички заедници и зајакнувајќи ги нивните граѓански и демократски вредности.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.