На 10 октомври, 2019 година, четириесетина ученици од четирите средни училишта СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“ заедно дискутираа за предизвиците во нивната околина со кои се соочуваат како млади личности. Иако прв пат се сретнаа, средношколците набрзо се запознаа и до крајот веќе имаа идеи за младински акции во нивните училишта.
На почетокот на средбата, младите се запознаа меѓу себе преку групни игри и активности. Потоа, веднаш започнаа со лоцирање на проблемите во нивните училишта. Како поголеми проблеми кои сакаат да ги решат ги издвоија уредување на дворовите, игралиштата, спортските сали и библиотеките, недостатокот од простор и опрема за извршување на стручни задачи, како и хигиената во тоалетите.
За време на средбата, младите дискутираа и за можните решенија на предизвиците, насочени кон подобрување на состојбата во училиштата и заедницата. Во претстојниот период, тие ќе бидат обучени за младинска вклученост, организирано изразување и водење на дебата. На крајот, се очекува учениците да организираат младински акции во четирите училишта каде што сите заедно ќе решаваат дел од проблемите кои ги посочија.
Целиот процес е поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Инаку, во овие четири средни училишта од минатата година започнаа да се организираат заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици, со поддршка од Проектот. Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието негува демократски вредности и позитивни интеракции помеѓу младите од различни етнички заедници.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.