Учениците од партнерските училишта СУ „Митко Пенџуклиски“ од Кратово и СУ „Исмет Јашари“ од Липково заедно подготвија брошура со рецепти за здрава храна. Долгорочното партнерство помеѓу двете училишта во коишто наставата се одвива на различни наставни јазици е поддржано од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.
Во процесот на подготовка на брошурата, средношколците од различни етнички заедници заедно дискутираа за улогата на здравата исхрана во целокупното здравје на луѓето. За време на средбите, младите подобро се запознаа меѓусебно и стекнаа нови пријателства.
„Комуникацијата која беше потребна за реализација на оваа активност ги зближи двете училишта. Ние како ученици не само што учевме едни од други, туку и другарувавме, стекнавме поголеми познанства и нови искуства. Стекнавме нови знаења за здрава исхрана и што би требало да конзумираме за да бидеме не само физички, туку и емоционално здрави. Сите ние дадовме придонес во пишувањето на брошурата преку споделување на иновативни идеи и мислења“, вели ученичка од СУ „Митко Пенџуклиски“.
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието поддржува партнерски активности меѓу училиштата кои поттикнуваат меѓусебна интеракција меѓу младите од различни етнички заедници. Исто така, преку активности на теми што се важни за заедницата, младите се стекнуваат со граѓански и демократски вредности.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.