Повеќе од 20 ученици од средното училиште „Кочо Рацин“ од Велес учествуваа на едукативен летен камп кој се одржа во Охрид, на почетокот на јули, 2018 година. Целта на кампот беше да се подобрат знаењата по англиски јазик на средношколците, а истиот е поддржан од Амбасадата на САД во Македонија.
За време на кампот, младите учествуваа во низа интерактивни и практични работилници преку кои на забавен начин го изучуваа англискиот јазик. Организираните работилници ги поттикнаа креативноста и инвентивноста кај младите. Преку заедничка соработка во текот на целиот камп, учениците успешно направија 3Д макета на град изработена од картон. Истовремено, преку работилници за дебата, стереотипи и предрасуди, учениците ги зајакнаа нивните вештини за критичко размислување, аргументирано изразување и јавно говорење.
„Овој камп е навистина одлично ново искуство. Се приближивме еден со друг и станавме подобри пријатели. Најмногу сум среќна што пробавме многу нови и интересни активности“, изјави учесничка на кампот.
Заедно со волонтери од Мировен корпус, младите го прославија и 4 Јули – Денот на независноста на САД. Одбележувањето беше во знакот на сината, белата и црвената боја, кои го симболизираат американското знаме.
Целта на Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик е учениците да се стекнат со одлично познавање на англискиот јазик, што може да им овозможи подобри работни места, образовни можности и добивање можност за учество и конкурирање за идни размени и учење во Соединетите Американски Држави. Покрај тоа, учесниците го збогатуваат нивното знаење за американската култура, историја и демократски вредности.
„Оваа програма е навистина посебна, на еден прекрасен начин…и е нешто што не може да се види секој ден. Целото искуство е незаменливо“, додаде средношколец кој е учесник во Access програмата.
Оваа активност е делот од Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, финансирана од Амбасадата на САД во Македонија.