На 16 октомври, 2019 година, по повод Светскиот ден на храната, учениците од средното општинско училиште „Цар Самоил“ од Ресен организираа хуманитарна акција за донирање на храна на нивните сограѓани од социјално-ранливи семејства. Акцијата е финален резултат од креативните работилници кои се спроведуваа во училиштето во изминатите месеци со поддршка на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.
„Научивме како да ги развиваме своите креативни способности и како да се интегрираме во едно мултиетничко општество. Сите работевме заедно и многу ни беше интересно. За време на работилниците, дојдовме до заедничка идеја за хуманитарна акција со која ќе им помогнеме на оние на кои им е најпотребно“, вели ученичка од средното училиште „Цар Самоил“ од Ресен.
Инспирирани од работилниците, учениците заедно собраа храна и средства за лична хигиена, ги спакуваа во околу 30 пакети и ги донираа на оние семејства на кои истите им беа неопходни. Со својот придонес во оваа акција, тие покажаа дека младинската вклученост и активизам се важен чекор кон подобрување на околината и истите не познаваат етнички бариери.
„Во Ресен и во нашето училиште се премостуваат разликите меѓу етничките заедници. За тоа е доказ секојдневното дружење на учениците. Денеска ја покажаа и нивната хуманитарна страна. Тие успеаа во еден краток период да соберат прехрамбени производи и средства за лична хигиена, да ги спакуваат и да ги донираат на семејствата кои се ранлива категорија во Ресен. Ние само координиравме како сето тоа да се изведе“, изјави Даниела Стерјовска, наставничка во училиштето „Цар Самоил“ од Ресен.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски. Во своето обраќање, тој истакна дека преку соработката на наставниците и учениците од различни етнички заедници се стекнуваат нови искуства и пријателства и се зголемува успехот во работата и постигнувањата.
Целиот процес е поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Општина Ресен. Инаку, во училиштето подолго време се одржуваа креативни работилници коишто поттикнаа многу заеднички иницијативи и соработки меѓу учениците кои се забавуваа, учејќи како да направат реални промени во општеството.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.