Во средината на јануари, 2020 година, во рамките на Access програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, група средношколци од Куманово, кои веќе втора година се вклучени во оваа програма, учествуваа на едукативен зимски камп во Струмица.
Учениците ја развиваа својата креативност преку интересни интерактивни активности. Тие изработуваа накит, цртаа на стакло на теми од американската култура, направија мозаик и пишуваа есеи на англиски јазик.
Под водство на проф. Патриша Дејвидсон, волонтер во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, младите направија постери базирани на познатиот говор на Мартин Лутер Кинг “I have a dream”, а потоа имаа и изложба на истите. Средношколците ги зајакнаа и своите вештини за јавно и аргументирано говорење преку натпревари каде подготвуваа свои говори и ги презентираа.
„Ова за мене беше едно убаво искуство. Прекрасно си поминавме и многу се забавувавме сите заедно. Стекнав нови вештини за јавно говорење и го напишав мојот прв говор, а претходно мислев дека не можам да го направам тоа. Со нетрпение го чекам следниот камп“, вели еден од учесниците.
Во духот на тимска работа и забава, тие прошетаа низ Струмица и го посетија градскиот стадион „Истатов“. Вечерите пак беа посветени на музички и танцови активности и меѓусебно дружење. Учениците и нивните наставници понесоа многу спомени од зимскиот камп кој придонесе за уште поголемо зближување меѓу нив.
Инаку, средношколците кои се дел од Access програмата редовно присуствуваат на неформални часови по англиски јазик, коишто се одржуваат неколку пати месечно. За време на овие часови тие учествуваат во многубројни активности за зајакнување на тимската работа и го зголемуваат своето познавање на англискиот јазик што може да им овозможи подобри работни места, образовни можности и добивање можност за учество и конкурирање за идни размени и учење во Соединетите Американски Држави.
Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.