Средношколци направија младински центар во дворот на СГГУГС „Здравко Цветковски“

2148
По повеќемесечните средби за време на кои беа откриени предизвиците со кои се соочуваат младите во нивната околина и можните решенија, средношколците од Скопје од различни етнички заедници се обединија со младинска акција во дворот на СГГУГС „Здравко Цветковски“. Акцијата ја организираа повеќе од 100 ученици од четирите скопски училишта СУГС „Браќа Миладиновци“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и СЕПУГС „Арсени Јовков“.

Еден од поголемите предизвици кои беа идентификувани во рамки на средбите беше недостатокот на простор каде младите ќе можат да се дружат и да учат. На нивна иницијатива, една од неупотребените училишни простории ја преуредија во младински центар. Тие ги бојадисаа ѕидовите и го уредија ентериерот.

Собрани сме да го разубавиме нашето училиште, со нашите гости од три училишта со кои заеднички ги спроведуваме активностите. Многу сме задоволни и заедно имаме прекрасни мигови“, вели Фуркан, ученик во „Здравко Цветковски“.

Во дворот, учениците организираа и еколошка акција за собирање на отпадоците со што ја  подигнаа свеста за здрава и чиста животна средина.

Јас многу добро ја доживувам акцијата. Ме исполнува и едвај чекам да дојде секоја акција во којашто имаме многу активности. Сите сакаат да работат нешто, некои надвор, а некои внатре. Си поминуваме одлично и стекнуваме многу нови пријателства“, додава Ивона од истото училиште.

Младите заедно се забавуваа промовирајќи го младинскиот активизам. Во претстојниот период планираат уште две нови акции во другите средни училишта.

Оваа волонтерска акција се реализираше со поддршка од Град Скопје и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.