Средните стручни училишта ќе спроведуваат ученички иницијативи за унапредување на демократската клима

429
Во текот на септември, 18 ментори од средните училишта одржаа работилници за спроведување ученички иницијативи, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а во соработка со Центарот за стручно образование и обука и Младинскиот образовен форум. На работилниците учествуваа над 200 наставници по Граѓанско образование, стручни соработници и директори од 74 средни стручни училишта кои во текот на учебната 2021/2022 година ќе спроведуваат ученички иницијативи и Денови за граѓанско образование. 

За време на работилниците, учесниците разговараа за придобивките од сеопфатниот пристап при развојот на граѓанските компетенции кај учениците, процесот на организирање и спроведување ученички иницијативи, како и улогата на училишното раководство и стручната служба во поттикнувањето на демократска клима во училиштето. Како клучни теми се издвоија продлабочувањето на соработката со локалната заедница при спроведувањето активности за позитивна промена, улогата на Ученичката заедница, раководењето со процесите во услови на пандемија итн.

Посебно внимание беше посветено на фазите низ кои се спроведува една ученичка иницијатива со цел успешно развивање на граѓанските компетенции на учениците, како и важноста на флексибилното планирање на активностите и можностите за имплементација на ученичките иницијативи од далечина, со физичко присуство и со комбиниран пристап. 

Учесниците на работилниците се запознаа и со повеќе позитивни примери од училиштата кои во претходните две учебни години спроведуваа ученички иницијативи, а се здобија и со корисни материјали за успешно спроведување на ученичките иницијативи. Вклучените тимови од училиштата искажаа задоволство од содржините и волја за унапредување на демократската култура во нивните училишта.

По работилниците, училишните тимови од 74 средни стручни училишта започнаа со планирање и подготовки за спроведување ученички иницијативи и организирање Денови за граѓанско образование во текот на учебната година 2021/2022 година.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.