Соодветни образовни политики – чекор напред кон меѓуетничка интеграција во училиштата

2792

Министерството за образование и наука (МОН), Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) продолжуваат со соработката насочена кон унапредување на меѓуетничката интеграција во училиштата низ Македонија.

Во периодот од 5 до 7 декември 2017 година, во Хотел Изгрев во Струга, се одржа Обука за креирање на образовни политики за членовите на Работната група на МОН за интегрирано образование.

Под менторство на словенскиот експерт за образование, проф. д-р Славко Габер, присутните стекнаа нови вештини за креирање на образовни политики. Обучените членови на Работната група ќе ги применат стекнатите вештини и при преземањето конкретни чекори за подобрување на меѓуетничката кохезија во училиштата низ Македонија.

Со цел да се обезбеди сеопфатен пристап кој ќе придонесе за континуирана меѓуетничка интеграција, Работната група е составена од претставници од клучните образовни институции – Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за стручна обука и образование.

Во претстојниот период, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и ОБСЕ, ќе се организираат низа работни состаноци со Работната група за да се продолжи со работа кон позитивни промени и добри резултати.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).