Час по Општество: Разлики и сличности меѓу нас

2548

Учениците од различна етничка припадност развиваа вештини, ги зголемуваа своите интеркултурни компетенции и имаа можност да се запознаат со други ученици коишто учат на различен наставен јазик преку активно учество во мешани паралелки во рамките на Проектот за јакнење на мултиетничката соработка во општините. Овие часови се одржуваат редовно во текот на целата учебна година и на нив учениците кои учат на различен наставен јазик заедно учат и учествуваат во разни активности под водство на нивните наставници. Над 3000 ученици и 240 наставници беа вклучени во овој вид на часови кои се покажаа како подеднакво корисни и за учениците и за наставниците. Еве изјава од еден од учениците кои учествуваа на овие часови:

При крајот на учебната година, наставникот ни кажа дека ќе имаме повеќе часови по Општество заедно со нашите другарчиња од албанската паралелка. Немав претстава како ќе се одвива тоа затоа што тие зборуваат и учат на албански јазик а ние зборуваме и учиме на македонски јазик. Сепак, еден ден, на часот по Општеството учевме за „Разлики и сличности меѓу нас“. Мислев дека немаме ништо заедничко со нашите пријатели од албанската паралелка, но не бев во право.

Нè поделија во мешани групи и нашата прва задача беше да се претставиме.  Сè се одвиваше како што треба, но на почетокот се чувствував осамено.  Чудно беше.  Како што течеше часот, научив за нивните традиционални јадења, народни носии, музички инструменти, како да се претставам и како да напишам „добар ден“ на албански јазик. Часот стана интересен.

Подоцна, го изгубив чувството дека седам во група која до тој момент ја сметав за различна од мене. Кога ми објаснуваа колку е вкусно нивното јадење „љакнур“, посакав да го пробам, па тие ме поканија во нивните домови, но набрзо потоа наставникот ни кажа дека е организирана активност со родителите на којашто ќе има разни традиционални јадења. Таму за прв пат го пробав вкусниот „љакнур“, а моите пријатели биле во право за неговиот вкус. Истовремено, тие ги пробаа „мантиите“ подготвени од мајка ми и многу им се допаднаа.

Многу сум среќен што бев дел од овој проект и би сакал да имам повеќе вакви часови, бидејќи научив многу за Албанците, Ромите и Македонците, но и тие многу научија од мене за мојата бошњачка култура.”

Оваа активност е дел од Проектот за јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП).