Реновирано основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар

2133
На 10 февруари, 2020 година, се одржа промотивен настан по повод реновирањето на ОУ „Коле Неделковски“ во Општина Центар, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. За време на настанот кратки обраќања имаа градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, директорката на училиштето, Светлана Масларевска и раководителот на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, Небојша Мојсоски.

Активностите за реновирање на училиштето се реализираа со финансиска поддршка од Европската Команда на САД (ЕУКОМ) – се направи реконструкција на ходниците и скалите во училишниот објект и промена на влезната врата во училиштето.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ја изрази заложбата на општината за подобрување на условите за престој и учење на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата. Тој потенцираше дека во реконструкцијата Општина Центар ќе учествува со доградба на училиштето со нов влез со скалишен простор за вертикална комуникација во училишната зграда, дополнителни училници и други простории, додека пак училиштето ќе учествува со хортикултурно уредување на училишниот двор.

Со реновирањето, за околу 700 ученици и наставници се обезбедија подобри услови за настава и работа. Со цел да има долгорочни придобивки од реновирањето, техничкиот персонал на училиштето беше обучен за одржување на училишниот објект и справување со кризи како земјотрес, пожар или поплава, а воедно им беше доделена и опрема за одржување на објектот и хигиена во училиштето.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.