И оваа година проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк продолжи со реализација на социјалниот дијалог „Учи паметно работи стручно“. Преку 17 средби во 17 општини низ државата, Министерството за образование и наука заедно со општините и приватниот сектор работеа на унапредување на средното стручно образование.

Во Скопје, Штип, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Валандово, Струмица, Кочани, Македонска Каменица, Велес, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кичево претставници од централната власт, локалната самоуправа и приватниот сектор земаа активно учество и со свои предлози ја изразија поддршката за создавањето на идните млади и стручни кадри.
Целта на овие настани беше и привлекување на што поголем број компании за истите да се вклучат во дуалното образование, како докажан модел кој обезбедува стручен кадар подготвен директно да се вклучи во работа во средините каде ја изведувале практичната настава.

„Средните стручни училишта може повторно да бидат прв избор на средношколците само доколку во овој процес на социјален дијалог директно се вклучат самите општини, локалните компании и средните стручни училишта, бидејќи градоначалниците, менаџерите на компаниите и директорите на училиштата најдобро знаат каде треба да се интервенира за да се обезбедат струки барани на пазарот на трудот и кој е најдобриот начин тоа да се реализира“, вели министерот за образование и наука.

Преку социјалниот дијалог по однос на стручни профили во средните стручни училишта започнува креирањето на уписната политика за следната учебна година и формирање на дуални паралелки, проследено со објава на конкурсот за упис во средно образование за 2022-2023 година. Следната учебна година, деветтоодделенците ќе имаат можност да добијат стипендија за упис во дуални паралелки.
Проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк ја поддржува соработката меѓу приватниот сектор и образовните институции, со цел унапредување на стручното образование и обука.