Регионална конференција „Вештини за идни работни места“

433
На 07 и 08 април 2022, се одржа регионална конференција „Вештини за идни работни места“ со која Министерството за образование и наука и Стопанската комора на Северна Македонија создадоа платформа за експерти кои можат да се вклучат во отворен дијалог и да споделуваат добри практики за тоа како да се поврзат вештините со идните работни места.

Со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, дводневниот настан беше насочен кон идните стручни вештини, вработувањето на младите и можностите за претприемништво за кои бројни локални и меѓународни експерти дадоа придонес и ги покажаа идните трендови. Беа презентирани глобалните двигатели на промените, трендовите кои го обликуваат пазарот на труд и потребите на истиот, влијанието на промените од транзицијата во земјите од развој, како и потребите од разновидни вештини во иднина.

Преку практични примери на иновативни пристапи и различни дигитални решенија во странските држави, присутните добија можност да откријат повеќе детали за процесот на дигитализација и да разменат искуства.

За време на дискусиите на теми како информатика и електронско стопанство, зелена енергија, производство и туризам се заклучи дека и земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со слични предизвици. Според учесниците потребен е развој на дигитални вештини во сите области како и на вештини за преговарање, комуникација, маркетинг, иновации, критичко размислување, лидерство и вештини за решавање на проблеми. Тие сметаат дека енергетскиот сектор е клучен за развојот на регионот и приватниот сектор треба повеќе да се вклучи во креирањето и имплементацијата на образовните политики.

Ваквата платформа за вештини и вработување треба да поттикне размена и соработка на стратешко и оперативно ниво меѓу земјите од регионот и пошироко.

Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) ја водеше целокупната техничка организација за настанот и даде стручен придонес во избор на модератори, презентери и панелисти.