Рецепт за демократска училница – споделување на добри практики во наставата по Граѓанско образование

1878
Онлајн дискусија „Рецепт за демократска училница: Добри практики во наставата по Граѓанско образование“ се одржа на 29 октомври, 2020 година, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. Повеќе од 70 наставници кои предаваат Граѓанско образование, ученици од осмо и деветто одделение како и советници од Бирото за развој на образованието дискутираа за наставните практики кои придонесуваат кон градење демократска клима во училницата.

На почетокот, советникот од Бирото за развој на образованието, Оливер Станојоски, го претстави Концептот за граѓанско образование во основното образование и насоки за имплементација кој беше официјално донесен од министерот за образование и наука во мај, 2020 година. Тој има за цел да помогне во разбирањето на комплексноста на вградувањето на граѓанското образование во образовниот систем и прифаќањето дека воспоставувањето и одржувањето на демократска култура е обврска на целото училиште.

За време на настанот беа презентирани и наодите од истражувањето за искуствата со новите наставни програми по Граѓанско образование. Според истражувањето, учениците од осмо и деветто одделение го оценуваат своето искуство со граѓанско образование како позитивно. Тие сметаат дека слободно можат да го изразат своето мислење. Дури и кога е различно од останатите.

Преку споделување на лични примери и искуства, учениците кои присуствуваа на настанот дискутираа за начинот на кој се спроведуваат часовите по Граѓанско образование. Тие зборуваа за интересни училишни иницијативи во кои учествувале и како тие влијаеле врз развивањето на нивните демократски и граѓански компетенции.

Граѓанското образование ми има помогнато да работам на себе, да имам поголема самодоверба и да не ми биде страв или срам да ги искажам своите искрени мислења. Имаме учествувано во дебати, хуманитарни акции, еколошки акции и акции за разубавување на училишниот двор. Преку ваквиот тип на настава, ние се чувствуваме дека сме важни и дека нашето мислење е слушнато“, велат учениците.

Наставниците по Граѓанско образование во основно образование се осврнаа на главните состојки за рецептот за демократска училница. Со присутните ги споделија нивните совети и добри практики за време на спроведување на наставата пред кризната состојба со КОВИД-19 и потоа преку учење на далечина. Тие истакнаа дека учениците сакаат да учествуваат во различни ученички иницијативи и со новонастанатата ситуација имаат многу можности креативно да се изразуваат употребувајќи ја технологијата.

Каква енергија давате со таква енергија ви се враќа. И затоа секогаш се трудиме да им помогнеме на учениците и да ги слушнеме нивните размислувања. Во еден клас ако имаме слобода и ако имаме правда, тоа значи дека имаме елементи на демократија. Важно е еднакви можности да им се дадат на сите ученици и секако да се работи со љубов кон професијата и кон децата“, објаснуваат наставниците.

Оваа дискусија им овозможи на учесниците подетално да се запознаат со начинот на формирање и развој на демократски практики во наставата, кои понатаму придонесуваат и кон успешно спроведување на ученички иницијативи.

За повеќе детали, погледнете го видеото од настанот со клучните точки кои беа дискутирани.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.